Бум во музичките биографски филмови, најновиот е за Ејми Вајнхаус

од Сенада Ибраимова
188 прегледи

Back To Black, биографски филм за покојната пејачка Ејми Вајнхаус, ќе се појави на големото платно, по биографскиот филм за Боб Марли и пред биографските филмови за Боб Дилан и Брус Спрингстин, и е доказ за насоката во која се движи музичката индустрија.

Очигледен е интересот на седмата уметност за музичарите и нивните животи, особено за музичките ѕвезди со несреќна или трагична судбина.

Сценариото е генерално слично: растење, главно во скромно опкружување, проследено со голем и неочекуван успех, зависности и/или трагичен крај.

Ејми Вајнхаус почина во 2011 година од труење со алкохол на 27-годишна возраст. Во истите години од животот слична судбина ги снајде Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Курт Кобејн… Боб Марли почина од рак во 1981 година на 36-годишна возраст. Филмот започнува да се прикажува во Обединетото Кралство на 12 април, во Франција на 24 април и во САД на 17 мај.

„Но, на работите треба да се гледа обратно, бидејќи не е кинематографијата таа која бара митови, па „Терминатор“ има 40 години. Наместо тоа, би рекол дека музичкиот свет и власниците на правата, бараат алатки за да ја вратат музиката на музичарите, кои веќе не се меѓу нас за да им ги понудат на новите генерации кои се борат со актуелните настани“, изјави за АФП Софијан Фанен, новинар и ко-основач на францускиот портал Les Jours.

Парамаунт, кој го дистрибуираше филмот „Боб Марли, една љубов“, чија премиера беше прикажана на 14 февруари, е воодушевен од успехот што филмот веќе го постигна на крајот на февруари, особено во Франција.

„Целосниот каталог на Боб Марли просечно изнесуваше повеќе од еден милион стримања дневно во Франција за само една недела! „Could You Be Loved“ штотуку влезе во топ 200 стримови 44 години по објавувањето“, објави компанијата.

Белкасем Бахлули, главен уредник на француското списание Ролинг Стоун, за АФП изјави дека музичките биографии доживуваат процветување.

„Сега веќе ги имаме двапати годишно, растат како печурки после дожд“, вели Бахлули.

Британскиот весник „Гардијан“ забележува дека „музичкиот биографски филм е огромен жанр, кој продолжува да се шири и нема доволно простор да се наведат сите нови креации“.

 

Слични содржини