Повеќе од 200 музичари бараат да се стави крај на употребата ВИ во музичката индустрија

Во писмото се предупредува дека нерегулираната употреба на вештачка интелигенција во музичката индустрија може да ја „саботира креативноста и да ги поткопа уметниците, текстописците, музичарите и носителите на правата“.

од Бети Божиноска
475 прегледи

Повеќе од 200 музички уметници го потпишаа отвореното писмо од Друштвото за права на уметници со седиште во Вашингтон, во кое ги повикуваат технолошките компании да престанат да користат вештачка интелигенција (ВИ), наведувајќи ја загриженоста за нејзиното влијание врз уметниците и врз текстописците.

Во писмото се предупредува дека нерегулираната употреба на вештачка интелигенција во музичката индустрија може да ја „саботира креативноста и да ги поткопа уметниците, текстописците, музичарите и носителите на правата“, пренесува „Асошиетед прес“.

„Нека нема забуна: ние веруваме дека, кога се користи одговорно, вештачката интелигенција има огромен потенцијал да ја подобри човечката креативност и на начин што овозможува развој и раст на нови и возбудливи искуства за љубителите на музиката“, се наведува во писмото, додавајќи дека „за жал, некои платформи и програмери користат вештачка интелигенција на начин што може да биде штетен за уметниците.“

Во писмото се истакнува дека вештачката интелигенција, кога се користи неодговорно, претставува огромна закана за способноста на уметниците да ја заштитат својата приватност, идентитет, музика и егзистенција.

Се вели дека „некои од најголемите и најмоќните компании“ ја користат работата на уметниците без нивна дозвола за да обучуваат модели со вештачка интелигенција да создаваат звуци што „значително би ги намалиле хонорарите“ што им се исплаќаат на уметниците.

Програмерите на вештачка интелигенција, технолошките компании и дигиталните музички услуги се повикани да се обврзат да не развиваат или имплементираат технологија, содржини или алатки за генерирање музика што би ја поткопале или замениле работата на човечките уметници или текстописци или би им ја ускратиле правичната компензација.

Меѓу потписниците на писмото се Кејти Пери, Били Ајлиш, Стиви Вондер, Миранда Ламберт, Зејн Малик, Ноа Кахан, Ники Минаж, Питер Фрамптон, Смоки Робинсон, Џеј Болдвин, бендот Imagine Dragons и други.

Слични содржини