Поддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија и признание на македонската култура, идентитет и јазик, кои, како што се наведува, ќе ја збогатат разноликоста на ЕУ, содржи резолуцијата што вечерва ја усвои германскиот Бундестаг.
Резолуцијата што ја поднесоа парламентарните групи на трите владејачки коалициски партнери – Социјалдемократите, Зелените и Либералите, вклучува и конкретни препораки до Владата на канцеларот Олаф Шолц во однос на европската перспектива на Северна Македонија.
-2023 е клучна година за европската иднина на Северна Македонија. Германија е цврсто посветена на европската перспектива на Северна Македонија и решително ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон Европската унија. Во последните две децении, Северна Македонија мина низ различни фази, во кои постоеше ризик од губење на јасната ориентација за приближување кон ЕУ и нејзините вредности. Во последните години земјата се врати на реален и амбициозен евроатлантски курс и реформски процес, се наведува во текстот резолуцијата.