БУНТ ВО СРБИЈА: Многу училишта денеска се затворени, даваат поддршка за протестите против Вучиќ

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Многу училишта во Србија денеска го започнаа второто полугодие со прекин на работа за поддршка на студентските блокади на факултетите во протестите кои траат од ноември минатата година поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад, а Адвокатската комора на Србија исто така започна седум дневен прекин на работата.

Во моментов не е јасно колку средни и основни училишта почнаа со прекини или делумни прекини со намалени часови, бидејќи податоците од синдикатите и државните функционери се различни.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ оцени дека околу 82 отсто од училиштата денеска ќе работат „со полн капацитет“, 11 отсто делумно, а околу седум отсто нема да работат.

Вучевиќ рече дека „просветната инспекција ќе си ја заврши работата“ и дека „училиштата не се место за политика“.

Студентите во неделата одржаа масовни протести со пораки „Училишен час во последен час“, „Час за емпатија“ и „Нема образование без чист образ“ во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и уште неколку градови низ Србија, поддршката на наставниците во нивната намера за штрајк дополнително укажува на потребата од борба за уредно општество и ефективна работа на институциите против корупцијата.

Студентите повикуваат на генерален штрајк, кој е поддржан од многу синдикати.

Денеска од 11 часот се оддржува заеднички протест на студенти и просветни работници пред Филозофскиот факултет во Белград.

Претседателот на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија, Душан Кокот, за N1 изјави дека полицијата не дозволува наставниците да стигнат до Белград на протестот, запирајќи автомобили и автобуси на патот, а некои од нив ги испраќа на вонреден технички преглед. Кокот исто така тврди дека веќе платениот превоз е откажан, а превозниците биле повикани на информативни разговори.

Бранот протести во Србија беше предизвикан од смртта на 15, претежно млади луѓе и тешките повреди на уште две лица при уривање на настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, за што значителен дел на јавноста ги смета за одговорни владата и изведувачите, обвинувајќи ги за небрежност и коруптивни практики.

Просветните работници, кои изминатите денови ги поддржаа студентските протести и блокадите на околу 60 факултети, се изложени на притисок од властите и обиди да се влијае врз просветните работници да се откажат. Според извештаите од порталот и објавите на социјалните мрежи, родителите во некои училишта утринава дошле да им дадат поддршка на наставниците, но биле пречекани од полицијата.

Слични содржини