Денеска во Свети Николе се одржа протест на пензионери кои решително побараа од Владата пензиите да се зголемуваат линеарно, а не процентуално. Според нив, ваквото усогласување е единствениот начин да се намалат големите разлики меѓу најниската и највисоката пензија во земјава и да им се обезбеди достоинствен живот на сите пензионери. Трајче Станојков, претставник на Иницијативниот одбор на пензионерите, изјави дека ова барање е праведно и неопходно.
„Ќе продолжиме да се бориме пензиите да се усогласуваат линеарно – тоа е единствениот начин да добиеме што ни следува,“ рече тој.
Пензионерот Трајче Митев од Штип посочи дека само со заеднички глас и организирано делување може да се постигне резултатот што го посакуваат. Протестот не беше насочен само кон Владата – пензионерите јавно побараа оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајковска, обвинувајќи ја дека не ги застапува нивните интереси.
Пензионерите од Свети Николе, Штип, Куманово и други градови предупредија дека доколку до септември не се исполни нивното барање за линеарно зголемување на пензиите, нема да излезат на гласање на изборите во октомври. Нивната порака е јасна: „Бараме правда за сите, а не привилегии за некои!“