Буридановото магаре и мицињата

од Vladimir Zorba
661 прегледи

Историјата не се повторува како фарса туку како комедија, барем кај нас во случајот со мицињата, светско-историски феномен антиципиран во схоластичката логичка дилема на Жан Буридан и сликовито опишан во една понова македонска поговорка. Не постои друг софистициран интерпретативен контекст во сам по себе мошне забавниот обид да се откријат суштините на овој феномен научно наречен мициња освен свртување кон емпириско-верификувано продуктивен  комплекс на мудрост наречен народни поговорки. Тие се синтеза на колективниот ум на еден народ, збирка на проживеани ситуации кои потоа се пренесуваат генерациски низ векови како квинтесенција на мудроста и поуки за иднината, на новите времиња за народот.

Марко Цепенков, на пример, собрал голем дел од нив, и тие се навистина паметник за македонската сегашност и иднина и длабоко метафоричен приказ на историјата на Македонскиот народ. Се разбира, авторот на поговорките е колективниот дух на народот, тие се деперсонализирани во прескрипциите и се транстемпорални – важат за сите нови, или само навидум нови конкретни животни ситуации, нивните поуки ги трансцендираат посебно како решенија за повторените, најчесто комични реалности. Една од поновите македонски народни поговорки се чини дека на најдобар начин го опишува микро-колективниот Бодријаровски симулакрум на идентитет на една група луѓе кои плаузибилно и во Хусерлијански феноменолошки редуктивен дискурс или ставање во загради на феноменот со цел суштинско спознавање на истиот, строго научно може да се определи денес како мициња.

Флуиден е тој квази идентитет, дури и му недостигаат клучни референтни основи и аспекти за дефинитивно да биде означен како сериозен и присутен во политичката реалност, но сепак е значително гносеолошки можен посебно во разјаснувањето на самата генеалогија на феноменот наречен мициња. Додуше, таа група луѓе повеќе наликува на толпа според дефинициите на Гистав ле Бон уште во 1895 година во проченото дело „Психологија на толпата“, бидејќи обективно се присутни сите елементи кои соодветствуваат на дефиницијата. На пример, Ле Бон под поимот толпа не подразбира само група на поединци физички собрани на едно место – сеуште за жал незапленетата бела палата, туку организирана агрегација која овозможува формирање на форма на колективен „ум“, при што свесната индивидуалност на собраните луѓе фактички исчезнува. Овде специфично мора да се направи хеуристичка дистинкција – имено, мициња за корист од народни, буџетски, наши пари (дури милион евра годишно, замислете го тој парадокс, таа фарса!) има, но многу повеќе има и такви кои соодветствуваат на една а ла Марко Цепенков утврдена понова народна пооворка, која најсуштински ја рефлектира како Борхесовски одраз во огледалото, таа толпа наречена мициња – тоа се оние кои велат и мислат и делуваат според бесмислицата – „И магаре да е, ако е од вмро ќе го гласам“. Се разбира, мицковистичкото дпмне е спротивност на ВМРО, негова негација во секаква смисла, но дотолку полошо за нив, мицињата, штом дури ниту таа фундаментална вистина не можат да ја перцепираат.

И понатамошните одредби на Ле Бон за толпата односно мицињата се перфектно научно втемелени до тој степен што апсолутно мициата се нивен објективен корелат, како на пример тоа дека толпите поседуваат психичко единство кое во голема мерка ги менува нормалните емоции, мисли и однесување на припадникот на толпата, т.е. секое поединечно мице. Квази – умот на толпата е проникнат од потсвесниот ум кој има предоминантна улога во психичко примитивната и уличарската активност на толпата. Кога се наоѓа во толпата, секој припадник на истата – секое мице – има чувство на сила; неговата подложност на сугестија е многу зголемена, и затоа тие се однесуваат како да се полусвесни или хипнотизирани, а нивната свесна личност, ако воопшто ја имаат надвор од толпата, исчезнува до таа мерка што  – и магаре да е ако е од мицковистичко дпмне ќе го гласаат. Толпата е импулсивна, подвижна, иритабилна, подложна на сугестија, лекомислена, нетолерантна, склона кон претерување, со слаба моќ на расудување, способна да усвојува противречни идеи, поседува абнормална сензитивна имагинација, речиси побожно верува во некое убедување, во случајов – и магаре да е ако е од мицковистичко дпмне ќе го гласаат. Мала утеха за толпата наречена мициња е тоа што научната критика на овие ставови на Ле Бон е во правец на амплификацијата во поглед на степенот на човековото разединување со самиот себеси, дека толпата ги поттикнува и обединува посировите импулси на своите членови – сепак, критичарите на Ле Бон не живееле во Македонија од 2017 до 2023 година.

Македонија има голем проблем веќе 6 години со оваа толпа, научно дефинирана како мициња, и крајно време е да го надмине истиот. Неразбирливо е како во 21 век сеуште постојат такви толпи и припадници, мициња, кои немаат ниту минимум скептичност и елементарна способност за критичко мислење, преиспитување на понудените квази вистини, според најдобрите традиции на просветителството и Кантовиот императив sapere aude, или Сократовско дијалектичко прашање за сите димензии на понудените можности за гласање, на пример. Наместо и магаре да е ако е од мицковистичко дпмне ќе го гласам, треба и мора да се воспостави нова култура на објективна критика кон се постојно што доаѓа оттаму, не смее уште да има канонизација на не-умот и апологетско папагалско прифаќање на се што излегува од центарот на мицковистичко дпмне, сеуште незапленетата бела палата, во народот позната и како белата куќа на злото. Македонија мора да пронајде начини да го маргинализира и потоа сукцесивно анихилира постоењето на толпата која веќе 6 години го попречува создавањето на подобра држава.

Во таа научна перспектива, бидејќи магарињата некако очигледно стануваат магичен збор за одгатка на проблемот мициња, односно преку овој поим (магаре), може да се дојде до најсуштинско спознание на политичката реалност денес, се појавува и прочуеното магаре на Жан Буридан, како уште една совршено интелигентна дескрипција на моментната ситуација на мицињата, посебно оние првите во приказната од новата народна поговорка за магарињата. Историјата овде навистина се повторува, по долги седум века од умниот Буридан, сега како комедија на некои дамнешни времиња и ситуации силогистички синтетизирани во познатата дилема на магарето опишана од Буридан. Имено, накратко кажано, станува збор за неизвесниот одговор што ќе направи магарето кое пред мост наидува на два идентични мали стогови сено: дали ќе појде кон едниот или другиот стог вкусна храна, и така мислејќи, неодлучно бидејќи двата стога се исто примамливи, според една верзија, умрело од глад – алчноста оневозможувала рационално размислување и одлука, дали кон десниот  или левиот стог сено. Метафорично, изгледа таква е ситуациата денес со скандалозната, тотално неразбирлива понуда на легитимната и легална власт во Македонија – на мицињата да им понуди власт (??!).

После шокантните денови и непроспиени ноќи во кои нормален човек почнува да помислува дека и оние од власта се чудни и забегале во некакви неразумни форми на однесување со понуда, замислете го тој хорор, мицињата да бидат власт, (скраја да е!), се наметнува едно можно решение кое којзнае како, веројатно светско-историскиот Ум сепак има сеуште милост кон нас, народот, може да биде сепак излезно добро решение. Односно, на некој (можеби на ДУИ) му текнало дека мицињата се како магарето на Буридан – алчноста за власт извесно ќе заврши со неодлучност кој стог сено да го изедат, дали едниот со власт сега и веднаш, или другиот стог, кој имагинарно е целосна власт по избори во кои ќе нема Уставна промена, а кои треба да се издржат и дочекаат среде алчноста сегга и овде власт, толку слаткиот стог сено. За наша жал,  на народот, не е нереално тоа нивно  очекување и желба, на мицињата –  често се чини дека ако дочекаат избори со одбивање да гласаат за Уставна промена и ЕУ, имаат шанси да победат, уште повеќе што државата ја толерира нивната моќна агитпроповска медиумска машинерија за која и Сталин и Гебелс се како мали деца. Сите веќе гледаат дека СДСМ како да сакаат да изгубат на следните избори догодина, па тоа се гледа дури и од Ташмаруништа а камоли од луксузните балкони на белата палата, и во тој факт се наоѓа нивната надеж но и дилема дали да почекаат да го изедат другиот стог, не овој сега и овде, иако е занесно привлечен, дури 50-60 државни фотељи кои СДСМ им ги дава на дланка. Тешка им е маката, таа логичка дилема на избор, оти како што кажа еден нивен апологет, та уште вечерта по мошне за народот застрашувачката понуда да бидат власт, мицињата купувале костуми по бутиците и славеле за нивните неочекувано дарувани од страна на СДСМ министерски, државни функции.

И така, ете, уште пред 7 векови Жан (по нашки Јован) Буридан ја предвиде денешната мака на мицињата – делумна власт сега или целосна власт подоцна, барем како желба и надеж. Двоумејќи се, мицињата ни оставаат простор за конечно воспоставување на Умот. Тој временски  простор мора да се искористи за доброто на сите! Македонија, олицетворена во државата, има временски лимитирана можност за делување – најдобро преку синхронизирана активност со именување на Г-н нов државен јавен обвинител кои има легалистичка интенција за бришење на мицињата групирани во Ле Бонова толпа алијас дпмне од регистарот на партии и пропорционална распределба на пратеничките мандати, и се разбира, долгоочекуваната заплена на имотот согласно судската одлука. Нема алтернатива, доколку државата, за среќа и доброто на народот, навистина сака да биде на раат од таа историска несреќа, после тие лоши 6 години, за да започне со нова, толку неопходна за егзистенцијата на Македонскиот народ и сите кои живеат  во оваа држава, Беконовска Instauratio Magna за Македонија.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини