Скопјани и во лето дишат загаден воздух. Во „Дрисла“ огнот се затрупуваше со земја и се гаснеше и специјална пена. додека „Вардариште“ од вчера е под 24-часовно обезбедување откако некој запали оган во депонијата кој чадеше со денови. Инспекторатот за животна средина при вонредниот инспекциски надзор констатирал зголемување на ПМ2,5 и ПМ10 честичките. Власта се сомнева дека палењето на депониите е политички мотивирано за во предизборниот период да се шири паника меѓу граѓаните, но премиерот Христијан Мицкоски најави решение за „Дрисла“ и „Вардариште“, иако претходно велеше дека нивото на алармантност на воздухот не е зголемено.
Вчера попладнето во Аеродром се одржа нов протест со барање итно решение за депонијата „Вардариште“. Жителите се жалат дека дишат токсичен воздух, особено по завчерашната критична ноќ кога загадувањето беше алармантно. Присутните на протестот ги потсетија надлежните дека треба посериозно да пристапат кон решавање на овој проблем.
„Вардариште“ е е проблем кој се провлекува со децении – прашањето е зошто никој од локалните власти досега не собра храброст да го реши? Според еко-активистката од „О2 Иницијативата“, Татјана Стојановска, причината зошто се остава проблемот со депонијата се пред сѐ потребните средствата кои би се вложиле, како и за многу нерешени прашања од животната средина во земјава, а потоа и самиот процес на санација и ремедијација.
-Ниедна локална, па и централна власт досега не се занимавала со суштинско решавање на проблемот со загаденост и воопшто животна средина. Сите мерки биле декларативни и затоа дојдовме до ситуација во која луѓето се сериозно загрижени како понатаму. Ескалацијата не е случајна, ниту претенциозна, туку буткањето на правот под чергиче, да се изразам сликовито, еден ден доведува до негово распрашување, истакнува Стојановска за „Локално“.

Татјана Стојановска/Фото: Општина Карпош
Изјавата на премиерот за видливоста на загадувањето е, истакнува соговорничката, токму таа слика на површно, популистичко решавање на проблемите.
-За да некој може да каже колкаво е загадувањето и последиците од истото, тоа во озбилна изјава треба да биде поткрепено со конкретни мерења, анализи и испитувања на теренот и околината. Вака е само паушално релативизирање на проблемот и покажува неозбилност во желбата за негово решение.
Според неа, за состојбата со Вардариште, за волја на вистината, вели дека виновници се сите.
-Точно, Вардариште е под ингеренции на Градот, но тоа не значи дека општината, и не само Гази Баба, може да се оправда со непреземање на било какви чекори, барем за заштита, ако не и санирање на локацијата. Избегнувањето на ингеренции не е грижа за граѓаните, туку само оправдание, кое во случајов на ваква еколошка катастрофа, ништо не значи. Наместо сингеристичко работење на решавање на проблемот, ние имаме децениско непреземање на одговорност и неделување од сите чинители, додава еко-активистката.
„Ние не го создадовме „Вардариште“, но ќе го решиме и „Дрисла“ ќе стане модерна европска депонија“ – кажа премиерот Мицкоски. Според Стојановска, дали ова е решението кое е потребно, таа вели дека како иницијатива се апсолутно за решавање на Дрисла и трансформирање на сегашната полустандардна депонија во современ центар за управување на отпад по моделот на Љубљана, како што нагласуваaт во нивната петиција.
-Воедно во петицијата инсистираме на такво решение за Дрисла реализирано од државата и локалната власт, но никако како јавно-приватно партнерство, за кое веќе имавме многу лош пример кој беше уште поголем удар врз нерешавањето на депонијата. Одговорноста мора да биде само и само на јавниот сервис, затоа и граѓаните ја бираат власта, која покрај бенефитот да одлучува, мора и да ја понесе целосната одговорност, нагласува Стојановска, додавајќи дека професионалната фела треба да биде многу погласна во ситуацијава, токму затоа за да сите граѓани знаат што вели и кое решение го нуди.
-Наша интерпретација на ставовите не би била примерна, констатира еко-активистката.

Протест против загадувањето од Вардариште/Фото: Локално
Чад и лоша миризба има, но не и загадување на воздухот коешто предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните во главниот град, вели министерот за здравство, откако се консултирал со лекари кои направиле анализа на податоците од мерните станици за квалитет на воздухот. Според податоците на светска банка загадувањето на воздухот во земјава е сè уште на високо и годишно убива околу 2800 граѓани. Скопје И Тетово се изложени на значително повисоко ниво на токсични ПМ 2,5 честички во споредба со граѓаните на Западна Европа. Минатата година беше донесена новата Планска програма за почит воздух 2024-2030 година чија цел е среднорочно и долгорочно решавање на проблемите со загадувањето на воздухот во државата.
Н.П.