BYD би можел да изгради уште една фабрика за електрични возила во Европа

од Vladimir Zorba
618 прегледи

Кинеската BYD би можела следната година да изгради втора фабрика за автомобили во Европа како дел од планот за проширување на компанијата на Стариот континент.

Веста доаѓа само неколку месеци откако кинескиот производител објави дека неговата прва европска фабрика за автомобили ќе биде лоцирана во Сегед, Унгарија.

Европскиот управен директор на автомобилскиот производител, Мајкл Шу, зборуваше за плановите на компанијата за време на неодамнешната конференција „Фајненшл тајмс Future of the Car“ во Лондон. Дел од плановите на BYD за зголемување на продажбата во Европа е лансирањето на европската верзија на електричниот модел „Seagull“.

Во Кина, Seagull е најмалиот и најевтин електричен BYD кој се продава за помалку од 10.000 долари. Се продава со батерии од 30,08 kWh и 38,88 kWh, а се напојува од еден електромотор со моќност од 74 КС и 135 Nm.

Шу вели дека европската верзија би требало да чини помалку од 20.000 евра, но не кажа по што ќе се разликува од кинескиот модел.

Шу истакнува дека компанијата сака да биде водечки производител на електрични возила во Европа до 2030 година и дека втора фабрика ќе го направи тоа уште поостварливо. Унгарската фабрика на BYD ќе произведува околу 200.000 возила годишно, но ако сака да биде сериозен играч, ќе и требаат повеќе автомобили од тоа.

Сепак, засега не е познато каде би можела да се изгради втората европска фабрика на BYD.

Шу ги даде овие изјави додека кинескиот претседател Си Џинпинг ја посети Унгарија како дел од неговата прва европска турнеја по пет години. BYD одлучи за фабрика во Унгарија по неколку месеци лобирање кај премиерот Виктор Орбан. Унгарија вели дека ќе обезбеди субвенции за BYD, но тие ќе бидат објавени само откако Европската комисија ќе го одобри договорот.

Слични содржини