Царинската управа ќе се зајакне со уште два подвижни мини скенерa на стока и мал багаж, што ќе придонесе за зајакнување на капацитетите за вршење контрола и сузбивање на криумчарење на разна стока, опојни дроги и прекурзори, како и за подобрување на квалитетот и ефикасноста на инспекциите. Двата мобилни скенерa се донација од Царината на Сојузна Република Германија. Денеска директорката Славица Кутиров со тимот од управата и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, извршија надзор на опремата која ќе ја користат царинските службеници при контролите на царинските подрачја, но и на целата територија на државата.
Само во две поголеми акции годинава инспекторите од мобилна Царина со помош на мобилни скенери извршија заплена на 62 килограми наркотична дрога, што кажува за придобивките од употребата на овие машини при контролите.
„Зајакнувањето на Царинската управа со уште два мобилни скенера ќе овозможи поефикасни контроли на македонската Царина, и ќе помогне да се спречи протокот на недозволена трговија и внес на разна стока во државата”, истакна директорката Кутиров.
Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, изрази задоволство што Германија може да придонесе за зајакнување на граничните контроли.
„Сигурни и ефикасни царински контроли се од суштинско значење за безбедно движење на луѓе и стоки. Во таа насока, Германија ги донира овие мобилни скенери за РС Македонија. Среќни сме што придонесуваме за обезбедување на ЕУ стандардите во граничните контроли во РС Македонија”, потенцира заменик амбасадорот, Ото Граф.
Значајно е што мобилните скенери се лесно преносливи, при што можат да скенираат до 12 возила на час на различни локации.