Царинска управа ги демантира наводите во партиското соопштение од политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Велат дека при заедничка контрола од страна на Царинската управа и Министерство за внатрешни работи, извршена на товарно моторно возило – комбе, а поради сомневање на МВР дека во комбето се превезува дрога, екипи на СВР Скопје, заедно со мобилен тим на Царинската управа и царинско куче, утврдиле дека во возилото нема наркотични средства.
-При дополнителна контрола од царинските инспектори констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Поради констатираните неправилности возилото е пломбирано и стоката е привремено задржана од страна на Царинската управа, велат од Царината.
Најавуваат дека по спроведената контрола, Царинската управа во соработка со надлежен јавен обвинител, ќе поднесе соодветна кривична пријава.
-Дополнително, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа започна постапка со цел да се утврди евентуална одговорност или одредени пропусти на царинските службеници кои ја царинеле стоката.
Апелираме, политичките партии да се воздржат од ширење на непроверени податоци и информации, што можат да наштетат на истрагата. Кога зборуваме за НУЛА толеранција против криминалот и корупцијата, не зборуваме само за декларативни заложби, туку зборуваме за конкретни и веќе преземени чекори кои даваат видливи резултати. Само минатата година, имаме 30% зголемен број на заплени и 60% зголемен број на поднесени кривични пријави, стои во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.
Oд партијата на Христијан Мицкоски денеска прашаа „дали директорот на Царина, Стефан Богоев дозволил шверц на 1.200 кг скапи телефони и зошто Царина молчи за скандал од стотици илјади евра“.
Според партијата, комбе полно со скапи телефони, со тежина од 1.200 кг е фатено на автопатот Петровец – Скопје откако веќе ја поминало Царината која евидентирала дека истото превезува друга стока, а не телефони.
-Да не била акцијата на полицијата 1.200 кг скапи телефони ќе завршеле на црниот пазар. Доколку се направи едноставна математика и се земе дека во комбето имало само 1.200 телефони, кои би се продавале по цена од 500 до 1.000 евра се доаѓа до сума од над половина милион до еден милион евра. Тоа е сериозен криминал, кој очигледно е правен во содејство со власта, обвинуваат од најголемата опозициска партија.
Скопската полиција соопшти извршила голема заплена на мобилни телефони од моделите на iPhone и Samsung.