Царината заплени 109 кг режан тутун, спортски дресови, облека од познати модни брендови…

од Nikola Popovski
68 прегледи

Царинската управа објави дека режан тутун во вкупна количина од 109,5 килограми е запленет од страна на мобилен тим во координација со СВР Битола при МВР. Режаниот тутун е одземен од албански државјанин со регулиран престој во Битола, во моментот кога требало да ги преземе кесите со тутун од возачот на автобус на превозна фирма од Битола. Лицето не поседувало документи за потекло и платени акцизни давачки.
Со ова е спречен обид за пуштање во промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од 379 илјади денари. Запленетата стока согласно законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава заради прекршување на Кривичниот законик.

Спречени се и обиди за криумчарење на 44 штеки цигари, по извршени контроли на камиони на граничен премин Богородица и на Меџитлија. Притоа 38 штеки цигари без акцизни маркички се запленети во два случаи на извршена контрола на товарни моторни возила со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничен премин Богородица. Останатите 6 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Против сторителите се поведени соодветни постапки.

– 814 парчиња детска спортска облека со ознаки на заштитени трговски марки, се запленети од страна на мобилни царински тимови, поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад, наменета за фирма од Тетово. Поведена е постапка за утврдување на оригиналност на стоката.

– 105 резервни делови за возила и 8 литри моторно масло, се запленети од страна на мобилен тим на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа во соработка со полициски инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Случајот е откриен при контрола на патничко комбе на магистралниот пат граничен премин Делчево – село Звегор. За непријавените автоделови за кои возачот изјавил дека се негова сопственост, истиот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 34 парчиња резервни делови и 29,5 литри течност за чистење за машини за прехрана, се запленети од страна на царински службеници на граничен премин Богородица по контрола на автомобил со грчки регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата. Против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 157 пакувања витамини и суплементи, храна и разна опрема за домашни миленици, и 5 штеки цигари со вкупна вредност од 156 илјади денари се запленети по извршена контрола на автомобил со косовски регистарски таблички, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Против возачот е поднесена соодветна постапка.

– Спречен нелегален изнес на 3.800 евра кои македонски државјанин сакал без да ги пријави да ги изнесе од државата преку граничен премин Блаце. Имено при извршена контрола во соработка со полициски службеници, во чантата на патникот биле пронајдени 5.800 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра. За сторениот девизен прекршок против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 113 парчиња разни производи, меѓу коишто облека, обувки, рачни часовници, козметички производи, автогалантерија и друго се откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави за царинска контрола, возачот одговорил негативно и инсистирал побргу да биде пуштен да ја премине граничната линија. Поради сомнение е извршена детална контрола, при што во багажникот биле пронајдени непријавените производи спакувани како поштенски пратки.

Производите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Слични содржини