Шокантната одлука на САД да воведе нови високи царини од дури 33 проценти за увозот од Македонија воопшто не е случајна или дел од некакво „пакет решение за регионот“. Напротив, самиот факт дека за Србија царината е 37 проценти а за Косово и Албанија само 10 проценти (!) недвосмислено укажува на тоа дека позади сите тие одлуки постои причина, намера и осмислен план односно аргументација од страна на САД. Доколку тоа не би било така, царините би биле идентични за сите држави од Балканот, посебно за оние кои не се во ЕУ а тоа не е случај (за Босна царините се 35 проценти). Наспроти оправданиот сеир на паметните Македонски луѓе кон овој најнов дебакл на политиките на диктаторскиот режим односно владата на РСМ а посебно на мицковистичко дпмне и премиерот кој дури трипати се шеташе со неговите во САД и тврдеше дека е во најблискиот „периметар“ на новата администрација на САД и слични вицови, подлабоката интерпретација на оваа многу важна политичка одлука токму на новата администрација на САД за толку високи царини кон Македонија е далеку посериозна и има големи последици врз режимот. Имено, како што впрочем лично пишував и претходно, беше само прашање на денот кога дволичната, лицемерна и неконзистентна надворешна политика на режимот ќе предизвика негативни реакции ширум светот – и еве, овие високи царини претставуваат, посебно во стриктен политички аспект, токму тоа – економско-политичка казна за самоконтрадикторната надворешна политика на режимот! Се чини дека таквата така да се каже детска надворешна политика и неконзистентноста во одлуките, што кулминираше со поддршката на режимот за едно од можните решенија за големиот и актуелен светски проблем – војната во Израел односно Палестина, а кое решение обично се нарекува „две држави“ (Палестина како независна држава) веројатно имало значење во процесот на донесување на одлуката на САД да воведе толку високи царини за Македонија.
Ако некои од диктаторскиот режим овде се надевал дека незабележано ќе помине таа контроверзна па дури и скандалозна политичка одлука за поддршка на Палестина како држава тогаш тоа само го покажува аматеризмот на режимските функционери, освен ако не е намерна и свесна политика, што се разбира не е исклучено. Ако тие мислеле дека можат директно да бидат против политиките на САД кои се строго против „две држави“ и дека тоа нема да биде забележано, за еден од најголемите современи светски проблеми, а притоа во исто време лицемерно (во политичка смисла на зборот) папагалски да повторуваат дека САД се наш најголем сојузник, стратешки партнер итн., ќе бидат ко-спонзори на некакви декларации во ООН и ќе се шетаат на партиски митинзи на Републиканците во САД (за жал со наши, буџетски) пари, тогаш многу се излажале. Потрошија стотици илјади евра и американски долари фактички за туристички прошетки – затоа што практично немаа ниту една официјална средба со некој поважен државен функционер од САД – за луксузни хотели и слики од вашингонските авении, со ефтината пропаганда дека, ете, оваа власт е блиска до Трамп, дека ќе ги продлабочеле односите со САД, дека бенефитите од тие посети ќе сме ги доживеале набрзо и слично – а еве, гледаме денес со царините колку успеале во тоа!! Се разбира, сите ние знаевме дека сето тоа е само обична пропагандна игра и детски трик за одржување на власт на овој режим и дека тие посети во САД (при што имаше и комични мигови како лагата дека оној што е на функција премиер присуствувал на инаугурацијата на Трамп, а сите видовме дека беше на некоја трибина во спортска сала) се реално обична туристичка посета на највисоките претставници на кликата на диктаторскиот режим во нашата држава. Тоа расипништво на нашите, народни пари за дружење со некојси син или внук на македонски гастербајтер и сликање со некои (додуше згодни) телевизиски водителки и слично, додека ние обичниот народ пропаѓаме секој ден во се поголема сиромаштија бидејќи ги немаме нивните огромни функционерски плати од неколку илјади евра, патни дневници, скапи ручеци низ ресторани во скапата Америка, белким ќе остане запаметено кај народот кога следниот пат ќе се гласа на избори.
Големите држави – а несомнено САД, заедно со Римската империја се историски најмоќната држава што некогаш постоела во светот – не можат да бидат политички излажани со некакви а ла ташмаруништа уличарски трикови и декларативна, дипломатска фразеологија. Тие се најмалку важни – во свирепиот свет на реал-политиката и американскиот прагматизам најважни се делата односно постапките, посебно кога станува збор за нивните највисоки национални и државни интереси. Без оглед на моралната дебата дали е правилна американската политика кон проблемот и војната меѓу Израел и Палестина, и на малите деца (претпоставувам дури и во Ташмаруништа, а камоли на таков дипломат од калибарот на Тимчо) им е познато дека САД се најголеми сојузници на Израел и дека нивните предлози и решенија за Палестина не се оние кои режимот ги поддржал при средбата со Турскиот претседател. Па зарем некој мисли дека тој миг, таа поддршка на „две држави“ останало незабележано од американската политика? Не, се разбира дека тие дознале. И изгледа дека казната за тој став и поддршка на режимот за Палестина како држава дојде токму денес со високите царини! А можеби е ова само почеток на негативните реакции на САД кон режимот овде, ќе видиме. Нека излезе сега пред ТВ камерите на режимските медиуми истиот тој што ја дал поддршката за две држави и нека му објасни на сиромашниот Македонски народ и граѓани зошто дополнително не осиромаши со оглед на тоа дека овие нови високи царини сигурно ќе имаат огромни негативни последици врз македонската економија, заедно со кредитот од 1 милијарда евра плус камати од Унгарија. Немало пари во буџетот за субвенции на огромните сметки за струја на народот, немало за зголемување на минималната плата (која е најниска во регионот и Европа)? А, има за илјадници партиски вработувања, луксузни прошетки во САД на стотици режимски политичари, за нови министерства на нивни партиски функционери кои порано (а можеби и денес) тргувале на берза за струја со високи провизии?
Оттаму, кога одите во продавница и ги гледате секојдневните поскапувања, кога ги плаќате превисоките сметки, сетете се дека пари има за режимот, а нема за народот, во еден дел токму заради лицемерната надворешна политика на кликата на режимот кон САД односно заради спротивставувањето на режимот кон американските политики. Тие дале поддршка на Палестина како држава и со тоа се спротивставиле на САД и Израел, и последиците од таа нивна одлука мора да ги поднесат само тие, на следните парламентарни избори, да се надеваме наесен заедно со локалните избори. Другите последици од таквата нивна надворешна политика и одлуки веројатно набрзо ќе ги видиме, но да се надеваме дека ќе ги трпат исклучиво тие кои ги донеле. Не може да се лажат сите луѓе сето време, велеше еден умен прагматичен политичар, а најмалку да се лажат (во политичка смисла) моќните САД. Како што кажува една македонска поговорка – две лубеници под иста мишка не се носат – порано или подоцна, двете ќе ти паднат (или си со САД или не си, или си со Израел или си со Палестина, не може да бидеш и со двајцата, наједноставно кажано). Конечно, секое лошо за некое добро, па во одреден плаузибилен интерпретативен контекст, можеби оваа одлука на САД за воведување на толку високи царини кон режимот во Македонија значи и почеток на повлекување на поддршката на режимот и делегитимирање на диктаторското владеење. А тоа секако би била добра вест за нас, народот, бидејќи на тој начин ќе се олесни демократското, изборно соборување на диктатурата на мицковистичко дпмне, Влен и Знам.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.