40 штеки цигари, 5 грама марихуана, 2.700 ќесички суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и разна друга стока е запленета во текот на изминатите денови, во случаи на откриени прекршочни дела, при што против сторителите е спроведена соодветна постапка.
Најголем дел од случаите се откриени од мобилните тимови кои при контроли извршени на граничните премини и во внатрешноста на државата открија и спречија повеќе прекршочни дела:
-40 штеки цигари и 17 парфеми, се откриени на Меѓуградската автобуска станица при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Гостивар, извршена на Меѓуградската автобуска станица Скопје. Непријавените производи биле пронајдени на повеќе места во внатрешноста на автобусот – фиоката над возачот, позади возачкото седиште, во фиоката над предните скали, под и на претпоследните седишта и во просторот за одмор на возачите.
-Пет грама опојна дрога марихуана е откриена при контрола на патнички кампер со швајцарски регистарски таблички со кој француски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце.
-При претрес на возач на автобус на граничниот премин Табановце, откриени се непријавени 9.500 евра. На лицето, македонски државјанин, согласно законските прописи му се вратени две илјади евра, а останатите 7.500 евра се запленети.
-Во друг случај на граничниот премин Табановце, мобилен тим при контрола на камион со скенер, откри разна стока која не била пријавена меѓу која и опрема за уредување на домот.
-При контрола на минибус на влез во државата на граничниот премин Блаце се откриени дури 2.700 ќесички со суплементи Arabesca Genitals и Arabesca Slim Mix, кои биле скриени на различни места во возилото. Возачот на минибусот, изјавил дека пронајдената стока е пратка која требало да ја достави на лице во Скопје.
-Вкупно 600 пакувања со вештачки трепки, се пронајдени при контрола на патните торби на италијанска државјанка кој допатувала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Рим.
-При контрола на стока со потекло од Турција наменета за фирма од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4 се запленети 120 пара чорапи со ознаки на заштитена трговска марка поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во други случаи царински службеници на граничните премини Дојран и Табановце, открија прекршочни дела при што запленети се употребувана пумпа, 35 литри алкохолни пијалоци, 117 парчиња облека, како и разна друга стока.