
Американскиот приватен инвестициски фонд „Carlyle“ се согласи да купи 30 отсто од шпанската нафтена компанија „Cepsa“, објави „Фајненшал тајмс“. Зделката е во износ од 3,6 милијарди долари, вклучувајќи го долгот, а продавачот е суверениот фонд од Абу Даби – „Mubadala“. Износот што ќе биде платен за делот, го проценува целото претпријатие на 12 милијарди долари, што е приближно колку цената што групата од ОАЕ сакаше да ја постигне минатата година при неуспешниот обид за излегување на берзата.
Услови
Како дел од договорот „Carlyle“ го задржува правото да купи до 40% од „Cepsa“, која е една од најголемите приватни нафтени компании во Европа и беше во сопственост на „Mubadala“ во последните три децении. Договорот бара регулаторно одобрување и се очекува да биде завршен до крајот на годината. Американската инвестициска компанија ќе добие две места во Управниот одбор, а претставникот на „Mubadala“, Мусаб ал Каби ќе остане претседател.
„Cepsa“ произведува речиси 175.000 барели нафта дневно низ целиот свет. Компанијата, исто така, оперира со рафинерии и хемиски постројки во Шпанија и на други места во светот.
„Тоа е најдобриот развој на настаните за „Cepsa“ – пазарите, изгледа, обрнуваат внимание само на краткорочното движење на цените на нафтата и не оценуваат слична компанија“, коментира лице вклучено во трансакцијата.
„Очекуваме да го надградиме растот на „Cepsa“ во корист на клиентите, добавувачите и вработените на компанијата”, вели шефот на „Carlyle International Energy Partners“, Марсел ван Поке.
Од „Mubadala“, која ќе остане мнозински акционер, изјавија дека се „задоволни од изгледите да работат во партнерство со „Carlyle“, која има значително искуство и можности во енергетскиот сектор“.

Тежок договор
„Carlyle“ направи понуда за шпанската нафтена компанија за прв пат минатата година, но таа беше одбиена од „Mubadala“ која сметаше дека може да договори подобар договор со вклучување на берзата. Планираното излегување на 25% од Cepsa на шпанската берза подоцна беше одложено поради слаб интерес и лоши пазарни услови.
Трансакцијата доаѓа по обновата на цените на нафтата, кои оваа година достигнаа речиси 70 долари за барел во однос под 30 долари за барел во почетокот на 2016 година. Ова ги зајакнаа трансакциите во секторот.
Инвестициската компанија со седиште во Вашингтон има за цел да инвестира околу 4 милијарди американски долари во нафтени и гасни средства надвор од Северна Америка. „Carlyle“ ќе плати 2,4 милијарди долари, договорот ќе биде делумно финансиран од страна на ко-инвеститори. Се очекува дека нивоата на долг во компанијата ќе останат исти според овој договор.
Потенцијалните инвеститори изразиле загриженост во врска со учеството на шпанската енергетска компанија во проект, делумно финансиран од „1Malaysia Development Berhad“ – државен фонд, предмет на истрага за перење пари.
Луѓето кои се запознаени со продажбата на „Cepsa“, велат дека „Carlyle“ е префериран кандидат за зделка со „Mubadala“, која е долгогодишен инвеститор во фондовите на американската група за инвестиции. Другите засегнати страни се Blackstone и канадскиот пензиски фонд Canada Pension Plan Investment Board (CPPIB).