Царовска: Младите имаат капацитет да управуваат со процесите и да носат одлуки

од Vladimir Zorba
198 прегледи

„Младите имаат капацитет да управуваат со процесите и да носат одлуки, а наша обврска е преку едукација и поддршка да им овозможиме реализација на нивните креативни идеи“. Ова го истакна директорката на „Асоциjациjата за инклузивен и одржлив развоj – SIGA“ Мила Царовска на Академијата за јавни политики „Од идеја до реализација“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и во соработка со СИГА.

На првиот модул од Академијата, Царовска информира дека младите учесници беа запознаени со петте фази на „Design Thinking“ – методологија чијашто цел е одредена идеја да биде имплементирана во јавна политика, но тие исто така беа запознаени и со сегментите од бизнис модел канвас.

„Оваа академија што ја реализираме преку интерактивни работилници, сесии и вежби, на учесниците ќе им овозможи правилно да развијат сопствена идеја, да искреираат план и идејата да ја преточат во конкретна политика или акција. Со овие предавања и работилници очекуваме да ги мотивираме младите, да почнат да размислуваат креативно за решавање на општествените проблеми кои сите не засегаат. Среќна сум што заинтересираноста е голема кај младите лица за правење позитивни промени во општеството. Сигурна сум дека ќе ги поттикнеме нивните креативни идеи да ги реализираат преку креирање на јавни политики за кои понатаму ќе застапуваат или ќе ги имплементираат во заедницата во која живеат“, рече Царовска.

Проект координаторката во ФЕС Нита Старова вели дека на првата Академија предвидени се четири модули кадешто учесниците ќе добијат одговори на следните прашања „Како да креирам идеја“, „Што значи да се вмрежам и добијам поддршка за мојата идеја?“, „Како да обезбедам финасии за мојата идеја?“ и „Како да ја информирам широката и засегнатата јавост за мојата идеја? Како да подготвам комуникациска стратегија?“.

„Целта на Академијата за јавни политики е учесниците да се стекнат со знаења и вештини за управување со процеси, донесување на одлуки и дејствување во својата околина. Дополнително, тие ќе запознаат со искуствата од другите земји, како и иднината на социјалната демократија. Овие предавања треба да ги поттикнат учесниците да ги употребат стекнатите знаења и директно да се стават во ситуација на носители на одлуки или лидери“, вели проект координаторката во ФЕС Старова.

На првиот модул учество зедоа истакнати предавачи и обучувачи од земјава, проект координаторот во Фондацијата Фридрих Еберт Нита Старова, директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА Мила Царовска, управниот директор на првиот акцелератор за социјално претприемништво и импакт бизниси во земјава Кристијан Милевски, бизнис консултантот Трајче Воинов, како и маркетинг и бизнис стратегот Дарјан Раденковиќ.

Слични содржини