Царовска: Женското лидерство носи позитивни промени, води и управува со интегритет

од Vladimir Zorba
133 прегледи

„Жените и девојките поседуваат лидерски капацитети, водат и управуваат во интегритет, дејствуваат тимски и го мотивираат целиот тим за напредок. Ме радува фактот што сè поголем број на жени и девојки во последните години се вклучуваат во општествените процеси со цел подобрување на државата”. Ова го изјави директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој – SIGA Мила Царовска на првиот модул „Интегритет и управување со човечки ресурси” од програмата „Future is Feminist” што се одржа изминатите два дена во Скопје, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, а во соработка со СИГА.

Царовска изрази задоволство што на програмата „Future is feminist” се пријавиле млади девојки кои сакаат да ги зајакнат своите лидерски вештини, да целат и водат кон развој во нивната кариера.

„Женското лидерство носи позитивни промени, жените ретко прават грешки во проценката или пак, во одлуките, а во истовремено тие размислуваат, планираат, дејствуваат, водат и се грижат. Жените лидерки се докажани во својата областа, управуваат со успешни проекти што даваат резултат во заедницата и во државата. Ги охрабрувам сите девојки да се вклучат во реализирање на своите замисли и цели на професионален план затоа што жените и знаат, и умеат, имаат лидерски вештини, а нивното вклучување во процесите помага за создавање на нови идеи и иницијативи коишто ќе ни помогнат на сите нас како граѓани без разлика на родовата припадност”, потенцира Царовска.

Проект координаторката во Фондацијата Фридрих Еберт Нита Старова истакнува дека девојките и жените можат да се носат со сите предизвици, да креираат и поднесуваат иницијативи и проекти што се од голем интерес за сите граѓани. Таа посочи и дека жените меѓусебно треба максимално да се поддржуваат една со друга, затоа што само на таков начин може да се направи вистински развој и прогрес.

„ФЕС и СИГА се организатори на првата програма „Future is Feminist” што претставува серија на обуки за млади девојки што се спремни да учат, да ги зајакнат лидерските вештини и да носат одлуки. Оваа програма се разликува од останатите обуки во тоа што допира до лични и политички прашања, а се фокусира на четирите клучни карактеристики: знаење, ставови, вештини и навики”, порача Старова.

На првиот модул „Интегритет и управување со човечки ресурси” учество зедоа проект координаторката во Фондацијата Фридрих Еберт Нита Старова, директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА Мила Царовска, експертката за комуникација и медиа од Албанија Едлира Џони и извршната директорка на Центарот за управување со промени Неда Малеска Сачмароска.

Обуката се организира во период од 6 месеци, од месец април до ноември, во кој ќе се одржат 4 тематски единици во траење од 2 дена или вкупно 8 работни дена.

Слични содржини