И покрај тоа што цените на становите во другите градови низ државата се далеку поевтини од Скопје, сепак сите купуваат станови во Скопје. Една од причините е што во државата нема рамномерен регионален развој и жителите од другите градови доаѓаат во Скопје за работа, студирање, лекување, како и за вршење на некои други услуги кои неможат да ги добијат во нивните градови.
Градежниот експерт, Никола Велковски за „Локално“ вели дека се додека нема рамномерен регионален развој цела Македонија ќе ни дојде во Скопје.

Никола Велковски
-Во Виница, Ресен, Делчево…нема вработување, нема доволно средни училишта, нема факултети, нема инфраструктура, едноставно луѓето во овие градови нема што да работат и доаѓаат во Скопје. Тие продаваат таму имоти и купуваат станови во Скопје. Поради поголемата побарувачка цените на становите во Скопје многу се качија. Во Скопје веќе не се наоѓа ни стар стан под 1.700 евра за квадрат, вели Велковски.
Но, сите бараат нови станови, бидејќи старите треба да ги реновираат, односно да сменат прозорци, врати, инсталација, санитарии…Доколку станот се купи на старо и се реновира излегува поевтино, но си во стара зграда која е енргетски неефикасна, нема лифт….
-Ако се земат во предвид сите елементи на изградба цената на чинење на еден метар квадратен е од 400 до 500 евра. Така еден квадрат не може да биде поевтин од 600 евра. Разликата зошто во помалите градови цената на становите е поевтина и се движи од 800 до 900 евра квадрат е поради тоа што таму се поевтини цената на земјиштето и комуналиите. Цената на работната рака е иста дури и поскапа отколку во Скопје затоа што нема работници. За изградба на карабина се наоѓаат работници, но занаетчии – плочкари, гипсари, електричари, водоинсталатери нема и се поскапи во другите градови, појаснува Велковски.
Според него, државата треба да вложува поголеми средства во развој на другите градови и да им создаде работа и на луѓето кои се таму. Така младите нема да се иселуваат, а постарите ќе можат да работат земјоделство, занаетчиски работи….Така е во другите градови во регионот и во Европа, само кај нас се е скоцентрирано во главниот град.
Државата треба да ги стимулира младите да отвараат фарми, а не целото земјоделско земјиште да биде покриено со фотоволтаици. Ако луѓето имаат работа нема да доаѓаат во Скопје.