Манчестер Јунајтед зад себе има една од најлошите сезони во историјата на клубот, а англиските медиуми тврдат дека ова лето се подготвува целосна реконструкција на тимот од „Олд Трафорд“. Очигледно, само еден играч нема да биде достапен за трансфер.
Тренерот Рубен Аморим ги имаше сите надежи насочени кон освојување на Лигата на Европа за барем донекаде да ја спаси сезоната, но ниту во тоа не успеа. Во финалето, „Црвените ѓаволи“ беа поразени од Тотенхем со 1-0, со што заврши една од најтешките сезони во историјата на славниот клуб од Театарот на соништата.
Веднаш по поразот, португалскиот стратег изјави дека е подготвен да си замине доколку клубот го сака тоа, но се чини дека сепак ќе добие уште една шанса. Управниот одбор одлучи да му даде целосна контрола врз составот на тимот за време на летниот преоден рок, но јасно му беше кажано дека повеќе нема право да прави грешки.
Затоа многу британски медиуми најавуваат целосна реконструкција на играчкиот кадар. Се очекува многу играчи да си заминат, откако Аморим повеќе не смета на нив.
Иако претходно се тврдеше дека сите во тимот се достапни за продажба, утрово англиските медиуми објавија дека тоа не е сосема точно. Се наведува дека еден играч ужива посебна доверба кај тренерот Аморим и дека неговата продажба не е опција.
Се работи за Бруно Фернандеш, единствениот играч на Манчестер Јунајтед кој успеа да ги оправда очекувањата и да одржи високо ниво на форма оваа сезона. Тренерот Рубен Аморим е решен Фернандеш да остане во клубот и да стане лидер на новиот тим што планира да го изгради за време на летниот преоден рок.
Иако постои голем интерес за португалскиот играч од средниот ред, вклучително и од Саудиска Арабија, каде што Ал-Хилал наводно веќе испратил дарежлива понуда, Јунајтед испрати јасен одговор – Фернандеш не е на продажба.
Клубот го гледа како клучна фигура за иднината и лидер на тимот во годините што доаѓаат. Дополнителен поттик за оваа одлука е фактот што Фернандеш, и покрај тешката сезона и недостатокот на резултати, не покажува желба да го напушти клубот.
Според англиските медиуми, понудата на Ал Хилал за Фернандеш пристигнала во пресрет на Светското клупско првенство и била исклучително висока, но на „Олд Трафорд“ немале сомнежи – веднаш била одбиена.
Кога станува збор за остатокот од персоналот, ситуацијата е сосема поинаква. Ниту еден играч, освен Фернандеш, нема загарантирано место во клубот, а сите сериозни понуди за други играчи ќе бидат разгледани.
Интересен е и пресвртот во случајот со Маркус Рашфорд. Иако претходно изгледаше дека неговата приказна за Јунајтед е завршена, Аморим наводно се предомислил. Англискиот репрезентативец, кој оваа сезона беше на позајмица во Астон Вила и покажа квалитет, би можел да добие нова можност во дресот на „Црвените ѓаволи“.
Иако Рашфорд во последните недели се поврзуваше со можен трансфер во Барселона, сега се повеќе се чини дека неговото останување на „Олд Трафорд“ не е исклучено.