Стопанска банка целосно опреми три територијални противпожарни единици со индивидуална пожарникарска униформа која вклучува: чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони. Униформата е со врвен квалитет и специјално изработена за борба со шумски пожари, природна непогода од која секоја година страдаат нашите планини.
ТППЕ Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово со вкупно 27 пожарникари веќе ја користат опремата и го изразија своето задоволство на средбата со Управниот одбор на Стопанска банка во Центарот за управување со кризи.
Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, на средбата со присутните пожарникари, претставници од територијалните единици им се заблагодари за нивната пожртвуваност и посветеност кон заштитата на природата и граѓаните од една од најопасните појави – пожарот.
– Донацијата од Банката е израз на нашата длабока благодарност и почит кон сите вас, поттикната од разорните пожари кои ја зафатија земјата во текот на летото, и кои, за жал, се сѐ почести во целиот регион. Соочени со разорната моќ на шумските пожари ја откриваме нашата ранливост како општество и заедница, па затоа, ако веќе сме во можност, помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено се надеваме дека опремата нема да треба да ја користите често, но во исто време нѐ радува фактот што добивте целосно нова и модерна опрема која ќе ве заштитува и овозможува подобри услови за работа – рече Николетопулос.
Тој изрази благодарност и за Центарот за управување со кризи преку кој се реализираше донацијата бидејќи имаа директен увид за состојбите на теренот и беа во можност да направат проценка кои територијални единици треба да се опфатат со донацијата.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на средбата со менаџментот на Банката и претставниците од ТППЕ во просториите на ЦУК, изрази голема благодарност до пожарникарите за нивниот голем ангажман во справување со огнените стихии, како и до Банката, донатор на опремата за пожарникарите.
Со ваквите реализирани донации, а на линија со кампањата “ДОМА” која во текот на 2024 година го промовираше 80. јубилеј на Стопанска банка, придонесуваме ДОМА да ни биде подобро, побезбедно и со тоа да градиме иднина на здрави и цврсти темели со Стопанска банка како поддршка и поттик.
За донацијата:
Во екот на катастрофалните пожари кои ги зафатија шумите низ земјата, Банката се обрати во Центарот за управување со кризи со понуда да помогне на начин што ќе ги засили напорите за справување со шумски пожари на подолг рок.
Низ преговорите со ЦУК, предложено беше да се обезбеди комплет индивидуална опрема за 27 пожарникари, односно комплетно опремување на три територијални единици и сите нивни активни пожарникари – Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово.
Банката ја набави опремата од локални добавувачи кои испорачаа врвна опрема изработена по светски стандарди, која може да издржи високи температури со максимална заштита за корисниците. Опремата, со точно назначени димензии, е доставена и пожарникарите веќе ја имаат на располагање.