Целосно удавени во „муртинскиот бунар“: Ќе преживее ли СДСМ?!

„И на дете од пет години ќе му стане јасно дека ваквиот начин на „водење политика“ е свесно правење целосна услуга на владејачката партија, која и покрај незадоволителното, да не речам катастрофално владеење во овие речиси скоро две години на власт, може да покаже со прст и да каже: „ Да, може ние сме лоши и не сте задоволни од нашето владеење, но еве кој се спрема да ја преземе власта и да ви ја води државата“

од Nikola Popovski
51 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат-М ТВ

Одржаниот 31-ви конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, треба(ше) да означува, еден вид на консолидациска пресвртница за оваа политичка партија, после серијата на последователни катастрофални порази кои ја снајдоа партијата на двојните парламентарни и претседателски избори во 2024-тата година и уште покатастрофалиот епски пораз на СДСМ на минатогодишните локални избори, каде што дното во освоени гласови од пред две години со тогашниот лидер и поранешен премиер, Димитар Ковачевски од околу освоени 153.000 гласови, беше пробушено под водството на новоизбраниот лидер, Венко Филипче кој освои околу 125.000 гласови на советничките листи на коалицијата предводена од СДСМ. Но што е уште пострашно голем дел од персоналните кандидати на партијата за градоначалници во огромните урбани и градски јадра, но и големи општински градови низ Македонија, не се пласираа „на бараж“, што се вели со спортски жаргон, односно во вториот круг, заостанувајќи позади други кандидати од други политички партии или кандидати на независна група на граѓани. Такви, најеклатантни примери се во Општина Куманово, каде што кандидатот на СДСМ , кој воедно настапи од позиција на организационен секретар на партијата, заврши дури на четвртото место по освоени гласови, во општина Карпош, каде што кандидатката на оваа партија заврши  на третото место, во Битола  каде што кандидатот беше трети  по број на освоени гласови, но најтрагично  од се беше што кадидатката , исто така  и потпретседателка на оваа политичка партија за градоначалник на главниот град Скопје, Каја Шукова, не успеа да влезе во вториот круг на изборите и покрај извесната победа на веќе актуелниот градоначалник Орце Георгиевски.

Упорно и (не)свесно се копа дното!

И кога покрај ваков ужасен, невиден, срамотен, жален и јаден пораз, лидерот на социјалдемократите ни под разно не размислуваше да си поднесе оставка, ( како што си поднесоа неговите претходници Ковачевски и Заев)  и да преземе одговорност за ваквиот пораз, долго време велев, дека кога решил да прави внатрепартиска промена и „реконструкција“ на раководството и членовите на највисоките партиски органи и тела (пред се извршниот одбор), требаше да ги преслика моделите на успешните градоначалници од овие избори кои се бројат на прсти: почнувајќи од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на Крива Паланка, Сашо Митовски, на Македонска Каменица, Соња Стаменковска, и на преостанатите мали општини во кои СДСМ извојува победа. Бидејќи  овие и вакви кадри, и покрај ужасниот пораз на оваа партија, покажале и докажале во своите општински и локални средини, дека прават дополнителна разлика од најтврдото гласачко  тело и јадро на партијата и дека можат да  мобилизираат и донесат дополнителен контингент на гласови на своето конто, односно на контото на партијата и да направат победничка приказна и се добро прифатени во јавноста во која политички битисуваат. Но не, наместо да го применат овој мој добронамерен совет, т.н „лидер“ на оваа партија и најтесниот круг околу него, море да не кажам, налогодавачите од Дубаи, отидоа во целосно спротивна насока: ја „освежија“ партијата со целосно компромитирани, етикетирани и дисквалификувани партиски кадри во јавноста. И тоа не е се: „одозгора на тога“, истите тие и такви се најактивни на прес конференции и даваат медиумски изјави во кои ја критикуваат ужасната политика и криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, се разбира , следува веднаш промптна реакција од владејачката партија на таквите пресови со кои се изнесуваат низа дисквалификации за високиот партиски кадар  (компромитиран со недозволени  супстанци) во јавноста, каде што се оцрнува погрдно! И на сето ова некој ќе ми каже дека „кучата одамна не е продадена“?! Дека овие толку се луди, несвесни, пијани и дрогирани таму на Бихаќка, па не знаат кого пуштаат во јавноста да ја критикува власта , сметајќи на тој начин дека ќе се придобие јавноста на своја страна?! И на дете од пет години ќе му стане јасно дека ваквиот начин на „водење политика“ е свесно правење целосна услуга на владејачката партија, која и покрај незадоволителното, да не речам катастрофално владеење во овие речиси скоро две години на власт, може да покаже со прст и да каже : „ да, може ние сме лоши и не сте задоволни од нашето владеење, но еве кој се спрема да ја преземе власта и да ви ја води државата“. И ефектот, со ваквите кадри е тој и „опозицијата“ , наполно го постигнува.

Подобро да замолкнат, ако имаат барем грам срам!

За „душегрижниците“ од СДСМ, односно од некои кои отворено фрлаат дрвја и камења по „ова раководство“ обвинувајќи го за целосна зависност од „политиката на Горњи Милановац и пиење од Муртинскиот бунар“, не треба  ни да се трошат повеќе од  два  збора. Овие човечки и морални накази се поголемо морално и (не)човечко дно и од самото дно кое денеска ја „води“ СДСМ. Односно никаде и никако ги немаше да кажат збор –два против „муртинскиот бунар“ кога и тие штедро   пиеја од него. Сега откако се  или ги „удавија“ во него, лелекаат по социјалните мрежи, правејќи се паметни. Или  тогаш „бунарот“ беше со чиста и питка вода, и имаше од него да се пие за сите!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини