Целта на секој политички маргиналец е да стане популарен – јас нема да им ја исполнам желбата, рече Ковачевски за провокациите на Џамбаски

од Nikola Popovski
165 прегледи

Сметам дека МНР реагираше соодветно. Иако станува збор за политички маргиналци, каде што дискусијата со нив би ја оставил на исто така маргиналци од нашата држава. Јас претставувам Влада која комуницира со Влада на соседна Бугарија и тоа е повисоко ниво во однос на минатото. Сепак нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност. Тоа им е единствената цел и да ги поткопуваат напорите на двете земји да продолжат во духот на соработка и меѓународните односи, рече премиерот Димитар Ковачевски во однос на недоличните и провокациските изјави на бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски кој викендов беше во Скопје на чествувањето на 95-годишнината од смртта на револуционерката Мара Бунева.

-Целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку вакви активности и јас нема да им ја исполнам желбата да станат популарни. Тие не се ни популарни во своите држави, таму не можат да влезат во парламентот, додаде Ковачевски.

По панихидата во саботата на 14-ти јануари, во црквата Св. Димитрија, дел од Бугарите од Македонија, но и пристигнатите бугарски државјани се упатија кон кејот на Вардар на спомен-плочата на Бунева. Таму бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски со мегафон се обрати пред стотина поддржувачи.

Tој ги нарече „србомани“ актуелните политичари во земјава и ги обвини за геноцид врз Бугарите.

-Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море. Да живее бугарска Македонија. Да живее Бугарија, рече меѓу другото Џамбаски.

Слични содржини