Цените на становите повторно скокнаа – скопски Центар останува најатрактивен

од Vladimir Zorba
12,1K прегледи

После неколку месеци стагнација, цената на становите почна повторно да се зголемува. Покачувањето е минимално, но е автентична потврда на претходните проекции кои предупредуваа дека нема да има намалување на станбениот квадрат.

„Се надевавме дека цената ќе стагнира, но тоа сепак не се случи. Ако на пример минатата година цената на еден квадрат за објект во скопското Дебар маало којшто сеуште не е ни почнат со градба, односно се уште е на ниво на “дупка’чинеше 1850 евра, сега откако стартуваше изградбата се продава за 2.600 евра“, велат за „Локално“ од агенцијата „Новел Недвижности“.

Сепак, во агенцијата посочуваат дека постои разлика во сумата којашто треба да се издвои за новоградба за разлика од онаа за постарите згради, па оттука станбениот квадрат во истата претходно спомената населба за постар објект изнесува 2000 евра. Подеднакво атрактивно останува и Водно каде исто како и во Дебар Маало бараната сума изнесува 2600 евра за м2 во новоградба и 2000 за постар објект. Во Козле станбениот квадрат во новоградба е за 200 евра понизок и чини 2400 евра, во Карпош (1,2,3,4) тој е 1800, во Аеродром изнесува 1700 евра, а во Кисела Вода 1600. Како актуелна локација во која во последно време многу се гради го посочува скопско Влае каде цените на новоградбите се веќе 1500 е/м2.

Во насока на детален приказ на ситуацијата со цените на недвижностите, „Локално“ доби одговори и од „ФОРТОНМКА“ – консултантска компанија за недвижен имот и партнер на алијансата Cushman & Wakefield. Оттаму посочуваат дека цената на становите зависи од неколку фактори, меѓу кои основни се големината, локацијата, квалитетот и структурата на станбените единици. Според нив, највисоките суми за м2 во Центар и во Карпош треба да се издвојат за премиум становите. Цените на останатите кои не се во рамки на оваа категорија се следни:

„Во Општина Центар цената на новите станови достигнува од 1.900 еуро/м2 до 2.200 еуро/м2. Во Општина Карпош новите станови се во просек помеѓу 1.450-1.800 еуро/м2. Во другите општини опсегот е помеѓу 1.100 до 1.500 еуро/м2“, велат во „ФОРТОНМКА“.

Појаснуваат дека цените на старите станови вообичаено се од 20% до 30% пониски од новите станови, и на нив влијае периодот на градба, потребниот трошок за реновирање, постоењето на лифт и паркинг како и квалитетот на градба. Коментирајќи ја актуелната ситуација во однос на сумите кои граѓаните треба да ги издвојат за новоградба или постар објект, посочуваат дека пазарот на понуда и побарувачка е избалансиран.

„Истиот само повеќе ќе се сегментира ценовно во зависност од локацијата, добро организираните проекти ќе се одвојат ценовно и секој проект со поголем број станови, додадени вредности, соодветни сообраќајни и инфраструктурни решенија ќе бидат во предност“, велат во „ФОРТОНМКА“.

Потврда за несмалениот интерес за станови во некои скопски општини, меѓу кои Центар е секогаш „зациментиран“ на врвот, е и последната продажба на станбени единици од страна на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во зграда на Јужен булевар-Центар. Поради огромен интерес, лицитација се одржа во два последователни дена на кои Друштвото успеа со „молскавична“ брзина да ја заврши продажбата на целиот станбен објект, откако пред 5 месеци беше организирано првото јавно надавање за оваа зграда.

„Почетната цена по метар квадратен на која купувачите лицитираа на 15 и на 16 јули изнесуваше 1450 евра, просечно постигнатата цена достигна 1916 евра а највисоко постигнатата -2063 евра. Целиот процес се одвиваше на транспарентен и успешен начин, а впечатливo големата заинтересиранот на купувачите е за нас уште една потврда за довербата кон нашето Друштво кое останува препознатливо по високите стандарди на градба, квалитет и доследност“, велат од АДИССДП.

За сега никој не се осмелува да излезе со прецизни проекции за понатамошната насока во која што ќе се движи пазарот на недвижности. Според аналитичарите, многу фактори можат да влијаат, а меѓу основните се цените на материјалите, како и недостигот на работна сила што ги зголемува трошоците за плати. Еден од условите е и континуираното намалување на локациите за градба кои речиси веќе и ги нема особено во скопската општина Центар.

К.В.С.

Слични содржини