Цените на такси услугите не поскапуваат: „Кој сака да вози по најскапа тарифа, мора да стави ценовник на задните врати“

од Nikola Popovski
150 прегледи

Официјалните претставници на скопските таксисти во моментов не добиле барање за зголемување на цената на такси услугите. Ова во изјава за „Локално“ го истакна претседателот на групацијата на авто-такси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски. По пишувањето на дел од медиумите дека дел од таксистите побарале поскапи цени, Рајчановски посочува дека тоа се барања на диви таксисти.

-Ако сакаат такси-компаниите, па да доставиме барање. Кај нас во Скопје пред две години ставивме три тарифи на такси-метарот. Едната тарифа е ако падне цената на гориво, па да поевтиниме, втората тарифа беше со таа цена на горивото и третата е ако се зголеми горивото или инфлација. Кој сака може да вози по трета тарифа, но мора да стави ценовник на прозорците од задните врати, истакнува соговорникот.

Според него, во моментов доколку некој чувствува дека не може да опстане со таа тарифа, на таксиметарот си има три тарифи.

Сашо Рајчановски

-Не знам кој го напишал тоа, дали е барање или па луѓето од таксикомпанијата не знаат дека има три тарифи, тврди Рајчановски.

Претседателот на групацијата на авто-такси превоз истакнува дека дивите таксисти немаат три тарифи, немаат таксиметар и возат по нивни цени.

-Не издаваат фискални сметки. Тие работи треба да ги средиме, ова со цената е средено уште пред 2-3 години. Ова нема врска, додаде Рајчановски во разговорот.

Советот на Град Скопје во 2022 година го усвои барањето на таксистите за формирање на нови тарифи и цени. Според нив, првата тарифа (по која се возеше изминативе повеќе од деценија и неколку месеци) значи старт (почеток на возењето ) 40 денари. Секој изминат еден километар чини 25 денари, а чекање еден час 300 денари. Според, втората тарифа, старт ќе биде 50 ден, изминат еден километар 30 ден, а чекање 1 час 420 денари. Третата најскапа тарифа предвидува старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари. Чекање еден час е 420 денари.

Тарифите се усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на такси превозници.Од Град Скопје тогаш дека при формирањето на новите цени на такси- превозот биле земени предвид цените на горивата, но и други фактори.

Алармантен е односот на дивите и легалните такси возила. Според официјалните претставници на таксистите сегашниот сооднос е околу 80 спрема 20, фаворизирајќи ги дивите такси. Се стравува дека организираната такси служба во Скопје може да исчезне доколку не се реши ова прашање. Низок е и бројот на регистрирани таксисти, а помалку од 100 се наведени во Агенцијата за вработување.

Н.П.

Слични содржини