Општина Центар склучи Меморандум за соработка со колективниот постапувач ДУО Греен Роад ДООЕЛ – Скопје за отстранување на хаварисани возила од јавните површини на територијата на општината.
Главната цел на соработката е да се олесни и забрза процесот на собирање, регулирање и преместување на отпадните возила кои немаат употребна функција, а воедно и да се подигне свеста кај граѓаните за рециклирање и зачувување на животната средина.
Градоначалникот Горан Герасимовски потсетува дека обемната акција на отстранување хаварисани возила е во тек и досега се дислоцирани над стотина возила од подрачјето на локалната самоуправа.
„Целта ни е да ги расчистиме јавните простори, паркинг местата, тротоарите и другите површини од возила кои со години скапуваат и пропаѓаат. Со оваа акција не само што ослободуваме простор, туку и придонесуваме кон почиста и поздрава животна средина”, изјави Герасимовски.
Согласно Законот за управување со дополнителни текови отпад и член 63 од Законот за безбедност на сообраќајот, возилата што се дефинираат како отпадни, Општина Центар ги евидентира со податоци за регистарска таблица, локација и датум.
Општината потоа доставува барање до МВР за идентификација на сопственикот, по што се составува записник и се поставува известување со рок од 10 дена за отстранување. Доколку возилото биде одјавено, сопственикот е должен да го дислоцира и да го извести надлежниот орган. Во случај на непостапување во дадениот рок, се изготвува решение/опомена, а за тоа се известуваат МВР и колективниот постапувач. Ако возилото нема регистарски таблици, по истекот на пет дена се презема и дислоцира.
Колективниот постапувач, по обезбедување на потребната документација, го одјавува возилото во МВР или го известува сопственикот дека има рок од 30 дена за одјава. По истекот на овој период, возилото се транспортира до отпаден центар, со што трајно се отстранува од територијата на Општина Центар.
Граѓаните можат да пријават хаварисани возила на бесплатниот телефонски број 076 350 767.