Централен комитет на Левица: Нашите советници ќе се позиционираат како главна и единствена опозиција на ВМРО-ДПМНЕ во локалната власт

Според партијата, во рамки на пленарната дискусија беа разгледани детално постигнатите резултати по општини, при што беше констатирано дека кај Левица е евидентен јасен и континуиран раст - и во бројот на освоени советнички мандати, и во политичкото влијание меѓу граѓаните

од Nikola Popovski
18 прегледи

Вчера се одржа XXIX сесија на Централниот комитет на Политичката партија Левица, на која беше направена темелна и сеопфатна анализа на резултатите од локалните избори, како и на целиот тек на изборниот процес.

Според партијата, во рамки на пленарната дискусија беа разгледани детално постигнатите резултати по општини, при што беше констатирано дека кај Левица е евидентен јасен и континуиран раст – и во бројот на освоени советнички мандати, и во политичкото влијание меѓу граѓаните. Се наведува дека овој раст е потврда дека принципиелната, доследна и бескомпромисна политика на Левица добива сè поширока поддршка.

-Централниот комитет дискутираше и за текот на локалните избори, укажувајќи на структурните слабости, притисоците, нерамноправните услови и улогата на естаблишмент партиите во одржување на статус-квото. Во таа насока беше нагласено дека Левица останува единствената политичка сила која отворено и без калкулации ги разобличува овие појави.

Посебен акцент беше ставен на улогата на советниците на Левица во општинските совети ширум Македонија. Заклучокот од ЦК е дека советниците од Левица ќе се позиционираат како главна и единствена опозиција на ДПМНЕ во локалната власт – во интерес на народот, во одбрана на јавниот интерес, со целосна посветеност на транспарентноста, отчетноста, борбата против корупцијата, урбанистичката мафија и партизацијата на општините, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Од Левица додаваат дека продолжуваат да бидат автентична опозиција, како на централно, така и на локално ниво – опозиција која не тргува со принципи, не молчи пред неправдите и не се става во служба на широки коалиции, туку стои цврсто на страната на народот.

-Борбата продолжува бескомпромисно, со јасна визија, храброст и организирана акција, до целосно разобличување на системот и враќање на институциите во рацете на граѓаните, стои во партиското соопштение.