Централната банка на Австрија ќе помага за спроведување на најдобрите практики во областа на управувањето со податоците

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ, започна спроведувањето на билатералната мерка за управување со податоците помеѓу нашата централна банка и Народната банка на Австрија. Преку предвидените активности ќе се придонесе за пренесување на искуството на австриската централна банка во зајакнувањето на институционалниот капацитет за воспоставување функција за управување со податоците во Народната банка.

Првата експертска мисија на билатералната мерка се одржа од 27 до 29 ноември 2023 година и на неа учествуваа претставници од повеќе организациски едници од Народната банка и двајца експерти од Народната банка на Австрија. Мисијата беше посветена на споделувањето на искуството на експертите од Австрија во воведувањето на процесот на управување со податоците, при што стана збор за воспоставување стратегија за управување со податоците, демократизација на податоците, поставување на улогите за управување со податоците од аспект на одговорноста и отчетноста, како и примери за архитектура на податоците преку каталози на податоци, метаподатоци и гранулација. Експертите од Австриската централна банка активно ги споделија своите знаења, практичните чекори од процесот на спроведувањето и најдобрите практики во областа на управувањето со податоците, што ќе биде корисно водство во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.

Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан започна во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската Унија (ЕУ) додели 3 милиони евра за програмата од својот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).

Слични содржини