Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Истражувањето покажува дека само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
Според податоците, ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно. Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
-Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5, наведуваат од ЦГК.
Како резултат на ваквата состојба со автобусите, бројот на патници е повеќе од преполовен само за десет години. Од некогашните 51,6 милиони патници во автобусите на ЈСП Скопје во 2015 година, во 2025 година се превезени само 22 милиони патници, односно речиси 30
милиони патници годишно помалку.
Иако падот се случувал и пред кризата поради Ковид-19 кога само за една година ЈСП загубил скоро 23 милиони патници, сепак поновиот пад на бројот на патници се случува после 2023 година. Имено, во 2024 година бројот на годишно превезени патници е намален за скоро 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони. Интересно е што само од кризата со Ковид-19 наваму, бројот на патници што годишно се возат во автобусите на ЈСП Скопје е намален за повеќе од 22 милиони патници.
Интересно е што за 2024 година, финансиските извештаи на ЈСП велат дека претпријатието остварило добивка од дури 3 милиони евра, но ревизорскиот извештај на претпријатието покажува дека оваа добивка не е реално остварена. Имено, ЈСП всушност не ги евидентирало како трошок обврските што ги имало кон приватните превозници за нивните транспортни услуги со образложение дека тие не биле одобрени од Град Скопје. Оттука, ако се прокнижиле како трошоци сите овие обврски кон приватните превозници, добивката на ЈСП би се намалила за околу 2,4 милиони евра и би изнесувала само околу 600.000 евра.