Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата. Истражувањето открива дека само за две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг.
-Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, стои меѓу другото во истражувањето.
Најскапи возила, од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор.
Според ЦГК, омилен бренд на функционерите им е „шкода“, од која е набавено секое трето возило.
-Најмногу возила, институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Во рамките на оваа марка, далеку најзастапен модел што е набавен е „Суперб“. Од 90-те набавени Шкоди, дури 56 се од овој модел.
Многу зад Шкода не заостанува ни марката Дачиа од која се набавени 78 возила. Речиси 90% од набавените возила од оваа марка се од моделот „Дастер“. Следна марка според бројот на набавени возила е Пежо, со продадени 45 патнички автомобили. Сите други марки се застапени со значително помалку возила, иако се издвојуваат уште Опел со 16 возила и Рено со 10 возила, се додава во истражувањето.
Понатаму во текстот стои дека најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија, а на дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда.
Целото истражување и базата на податоци се објавени на следниот ЛИНК.