Чадеж: Регионот е подготвен да стане дел од единствениот пазар на ЕУ

од Vladimir Zorba
389 прегледи

Важно е компаниите од Западен Балкан да продолжат да соработуваат, да работат на заеднички проекти и заедно да настапуваат на трети пазари, истакна денеска претседателот на Стопанската комора на Србија (СКС), Марко Чадеж и рече дека економиите на Западен Балкан ги исполниле најважните деловни стандарди и се подготвени да станат дел од единствениот европски пазар.

На завршната конференција на проектот „ЕУ поддршка на КИФ ЗБ6“ во Приштина, организирана од Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ ЗБ6), Чадеж ја повика Европската Унија да им овозможи на граѓаните и економиите од регионот да уживаат во четирите основни слободи на кои почива ЕУ – слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, оценувајќи дека овој процес може да се заврши за помалку од две години, соопшти СКС.

„Ова не е регион на проблеми и несреќи. Овој регион има потенцијал каков што нема ниту еден друг регион во Европа. Денес, Европа увезува од Кина 90 проценти од сите ретки метали што им се потребни за зелена индустрија, соларни технологии, батерии, електрични возила, со цел да бидат први меѓу светските играчи, а овде во регионот имаме функционални рудници и процесори кои можат да го прават тоа. Имаме никел, кобалт, литиум, калцит…“, истакна Чадеж.

Тој потсети дека од формирањето на КИФ има сомнежи и во регионот и во меѓународната заедница и рече дека бизнисмените сакаат да креираат иднина заснована на заеднички интереси, а не на разлики.

„Нашиот фокус во иднина е што поскоро да ги убедиме ЕУ и земјите-членки дека овој регион мора да биде дел од единствениот пазар и дека мора да ги ужива четирите слободи“, посочи Чадеж.

Претседателот на СКС истакна дека проектот „ЕУ поддршка на КИФ ЗБ6“ во кој учествуваа сите стопански комори, членки на Коморскиот инвестициски форум, ќе продолжи од 1 јануари следната година.

Зборувајќи за резултатите од проектот, кој беше финансиран од Европската Унија со повеќе од 2,8 милиони евра, Чадеж изјави дека повеќе од 6.000 компании од шест економии од Западен Балкан поминале низ некаков вид обука, едукација и семинари.

„Тие компании денес се успешни и можат слободно да ги пласираат своите производи на ЕУ и светските пазари“, додаде тој.

Проектот „ЕУ поддршка на КИФ ЗБ6“ започна на 19 декември 2019 година, а ќе заврши на 30 јуни 2023 година.

Слични содржини