Чадиковски: Ако добиеме Програмски совет на МРТ составен од партиски кадри, ќе останеме заглавени во статус кво

Потребно е да се следат препораките на ЗНМ и да се изберат луѓе со искуство, интегритет и визија – како предуслов за креирање на јавен сервис кој навистина ќе биде во служба на граѓаните, изјави претседателот на Здружението на новинари за „Локално“

од Марта Пешевска
229 прегледи

Шест години по истекот на мандатот, повторен обид да избере нов Програмски совет на МРТВ – институција што со години функционира во „в.д.“ состојба и е мета на постојани критики за партиска пристрасност. Комисијата за избори и именувања треба да ја селектира финалната листа од 13 кандидати од вкупно 24 пријавени, кои ќе добијат петгодишен мандат. Процесот, кој веќе неколку пати пропадна поради недостиг на политички консензус, повторно го отвора прашањето за департизација на јавниот сервис и за политичкото влијание врз медиумските регулаторни тела.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, во изјава за „Локално“ истакна дека изборот на Програмскиот совет со двотретинско мнозинство требало да биде добар модел, бидејќи овозможува поширок политички консензус околу важни институции како јавниот радиодифузен сервис. Тој додаде дека ваквиот начин на избор требало да обезбеди професионалци во Советот, а не политички подобни кадри. Чадиковски смета дека ваквата ситуација сериозно го поткопува кредибилитетот на јавниот сервис и довербата на граѓаните, и нагласи дека потребен е итен консензус за независен и професионален Совет кој ќе работи во интерес на јавноста.

„Изборот на Програмскиот совет со двотретинско мнозинство требаше да биде добар модел бидејќи овозможува поширок политички консензус околу важни институции како јавниот радиодифузен сервис и требаше да овозможи избор на професионалци. Тој модел не смее да се сфаќа како можност за политичко пазарење, туку како обврска за носење одлуки во интерес на МРТВ и на јавноста. Долгото одолговлекување, кое трае од 2018 година, укажуваше на недостаток на политичка волја за суштинска промена во приодот кон избор на членовите“ смета Чадиковски.

Чадиковски смета дека постојниот состав на Програмскиот совет функционира многу одамна и дека проблемот лежи во тоа што во претходните мандати, сите партии не се воделе од јавниот интерес, туку од партиски калкулации. Тој смета дека е неопходно да се следат препораките на ЗНМ и да се изберат луѓе со искуство, интегритет и визија. Чадиковски нагласи  дека изборот на професионалци треба да биде приоритет за обезбедување независност и кредибилитет на МРТВ.

„Постојниот состав функционира многу одамна. Проблемот е во тоа што собранието во претходните мандати, сите партии не се водеа од јавниот интерес туку од партиски калкулации, кој и како ќе седне во советот. Потребно е да се следат препораките на ЗНМ и да се изберат луѓе со искуство, интегритет и визија – како предуслов за креирање на јавен сервис кој навистина ќе биде во служба на граѓаните“ дециден е Чадиковски

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) истакна дека ако новиот Програмски совет биде составен од партиски кадри, ќе останеме заглавени во статус кво и нема да се постигне потребната промена во јавниот сервис. Тој нагласи дека препораките на ЗНМ се јасни и дека треба да бидат почитувани од страна на сите политички актери.

„Ако добиеме совет составен од партиски кадри, ќе останеме заглавени во статус кво. Потребни се луѓе со докажани професионални вредности, кои ќе работат исклучиво во интерес на јавноста. Препораките на ЗНМ се јасни и треба да бидат почитувани – тоа е патот до силен, независен и кредибилен јавен сервис“ смета Чадиковски.

Чадиковски смета дека Советот на МРТ има обврска да носи клучни документи кои го дефинираат работењето на јавниот сервис и да овозможи плурализам во програмата. Чадиковски нагласи дека е неопходна промена на составот со стручен и одговорен тим кој ќе донесе нова енергија и идеи.

„Советот има обврска да носи клучни документи кои го дефинираат работењето на МРТ и да овозможи плурализам во програмата од најразличен вид. Затоа е јавен сервис, за да може да ги опфати сите групи во општеството. Затоа е неопходна промена со стручен и одговорен состав кој ќе донесе нова енергија, нови идеи. Да ги задржи или продолжи работите во кои има промена на подобро, а да дејствува за промени кои ќе го приближат МРТ кон новото време“ потенцира Чадиковски.

Чадиковски истакна дека изборот на нови членови на Програмскиот совет на МРТ треба да биде сериозен и одговорен процес. Според него, МРТ денес претставува лидер во медиумската индустрија по висината на платите, што е позитивен чекор. Првиот човек на ЗНМ потенцира  дека МРТ треба да се прилагоди на новите технолошки трендови и да продолжи да инвестира во дигитализација, мултиплатформска дистрибуција, нови формати и интеракција со публиката. Тој смета дека МРТ има капацитет да биде квалитетен, кредибилен и модерен медиум, но тоа бара реформи, независност и визија.

„Да, ако изборот биде сериозен и одговорен. МРТ денес предничи во однос на платите во медиумската индустрија – што е позитивен чекор. Но, тоа мора да се надополни со стратешки вработувања, особено преку изградба на силна и широка дописничка мрежа која ќе покрива настани и теми од целата држава. Дополнително, МРТ мора да се прилагоди на новите технолошки трендови – покрај новиот студиски изглед што беше добар чекор, потребна е дополнителна дигитализација, мултиплатформска дистрибуција, нови формати и интеракција со публиката. Јавниот сервис треба да биде предводник во примената на иновации и во унапредување на професионалните стандарди. МРТ има капацитет да биде квалитетен, кредибилен и модерен медиум – но тоа бара реформи, независност и визија, затоа ЗНМ очекува во изборот на идните членови во советот, собранието да се води од овие начела“ завршува Чадиковски.

Д.Ѓ

Слични содржини