Чадиковски: Без финансиски независни медиуми не можеме ниту да зборуваме за вистинска независност на медиумите

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Слобода на медиумите е во постојана борба. Медиумите се уште се лесно подложни на политички и бизнис влијанија и токму поради тоа се случува да имаат сериозен притисок во конфигурирање или моделирање на уредувачката политика. Без финансиска слобода не можеме ниту да зборуваме за вистинска независност на медиумите. Исто така, саморегулацијата е од суштинско значење и таа мора да продолжи да се развива. Ова се дел од пораките кои беа пренесени денеска на панел дискусијата „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“, организирана од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).

Според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски, не постои гаранција дека слободата на медиумите е освоена, бидејќи не само медиумската, туку и нашата демократска слика е лесно кршлива и лесно податлива за влијанија.

-Свесни сме сите дека македонскиот медиумски пазар е мал и ограничен, а медиуми има многу. Меѓутоа, тоа не ги става медиумите во позиција на еден финансиски независен начин да се борат со предизвиците коишто ги наметнува општеството. Што тоа значи? Тука има две нивоа. Прво, медиумите се лесно подложни на различни типови на влијанија. Тие влијанија можат да бидат политички или бизнис влијанија. Најчесто е тоа мешавина на политички и бизнис влијанија, бидејќи кај нас и политиката и бизнисот функционираат како брак од интерес и во тој брак од интерес медиумите, новинарите, уредништвата понекогаш се под силни влијанија и можат да бидат лесно подложни на сериозен притисок да ја конфигурираат или моделираат својата уредувачка политика на начин на којшто на некој друг му одговара, а не на интересот на граѓаните и на јавноста на кои ние како новинари би требало да им служиме, рече Чадиковски.

Вториот сегмент е, како што посочи, финансиската независност. Тој напомена дека без финансиска слобода и без финансиски независни медиуми не можеме ниту да зборуваме за вистинска независност на медиумите.

-Наспроти сите заложби на голем дел од медиумската заедница и наспроти заложбите и на делот на политичките лидери кои се обидоа да го сменат тој наратив, ние што добивме? Добивме одреден тип на ослободување на медиумскиот простор, ослободување на мислата на говорот, значи луѓето веќе не шепкаат по улици, не разговараат само тивко во кафеани, туку навистина може слободно да се изрази сечие мислење без притоа да се плашиш дека некој можеби на улица ќе те исплука, ќе те удри или не дај боже нешто полошо да ти направи. Но, не го сменивме наративот на политичкото дејствување, а тоа понатаму ни се мултиплицира и во медиумските простор, додаде Чадиковски.

Според Чадиковски, културата на говор во политиката се заострува наместо да се намалува. Тој е на ставот дека слободата многу тешко се стекнува и многу тешко ја стекнавме, меѓутоа може многу лесно да ја изгубиме ако не работиме паралелно на едно креирање на општа атмосфера за намалување на говор на омраза, неквалитет и дискриминација.

-Саморегулацијата е од суштинско значење и таа мора да продолжи да се развива. Значи, таа не е идеална, далеку е од идеална, далеку е од тоа дека ќе ги реши сите проблеми, но во моментов мислам дека е најдоброто нешто што го имаме, што постои на пазарот, посочи Чадиковски.

Слични содржини