Чадиковски до Митрев: Слободното новинарство постои за граѓаните и за заштита на јавниот интерес

од Vladimir Zorba
193 прегледи

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски реагираше на писмото упатено до него од страна на д-р Жан Митрев.

„Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) е најстарата граѓанска организација во земјата чија основна улога е заштита на новинарите од цензура и промовирање на професионалните стандарди во работењето. Затоа и јавно реагираме кога новинарите и медиумските работници се нападнати, етикетирани, омаловажувани, тужени или обвинети, било да станува збор за поединци или за оркестрирани и организирани напади од некој центар на моќ.

Вие бевте во центарот на новинарска истражувачка сторија од несомнен јавен интерес, изработена од ИРЛ, емитувана на МТВ, и со право таа тема се покажа како многу значајна за јавноста. Сторијата, по неколку месеци од објавувањето, резултираше со иницирање обвинение од страна на Основното јавно обвинителство, што секако не го одзема Вашето право и на понатамошна комуникација со јавноста. Вие тоа право го имавте и за целото време и пред иницирањето на обвинението. Имавте и можност да се обратите и до само-регулативните тела во ЗНМ или во Советот за етика во медиумите, каде би можеле дел од Вашите наводи упатени сега до мене, да ги упатите до оние на кои им е тоа работа, Судот на честа во ЗНМ, или комисијата за жалби во СЕММ. Но наместо тоа, Вие поднесовте тужба за клевета до новинарите на ИРЛ, заедно со барање без преседан, за времена мерка да не се известува за овие прашања (цензура), што беше одбиено од судот. Потоа, неколку дена пред да се подигне обвинение против Вас од ОЈО, Вие се решивте да ја повлечете тужбата кон новинарите од ИРЛ.

Имам потреба да појаснам дека Судот на честа при ЗНМ, како и Советот за етика како посебна организација која се грижи да се промовира новинарската етика, имаат задача да донесат соодветен суд, за колеги или медиуми од фелата, за кои некој граѓанин, политичар, бизнисмен, лекар, новинар, сметаат дека ги прекршил стандардите во работата. Во ситуација кога имаме ефикасен систем на медиумска саморегулација, во чии тела членуваат новинари и професионалци, би било нечесно да се очекува за новинарските продукти да судат политичари или разни моќници. И во случаи кога новинари имаат претставки за други новинари, единствените меродавни тела кои можат да дадат проценка, за да се избегне субјективен суд, мој, Ваш, се овие само регулативни тела.

Идејата на само-регулацијата во медиумите е да се избегне или да се намали тоа што често ни се случува во јавноста и на социјалните мрежи. Кога одредени моќници ќе почнат да изнесуваат неосновани шпекулации во јавноста, за медиумите или новинарите, се креира атмосфера на линч и обвинувања. Изминатиот период бевме сведоци на низа етикетирања на социјалните мрежи врз колегите од ИРЛ, кои беа паушални, застрашувачки, клеветнички, од повеќе аспекти.

Сметаме дека секој обид да се заплаши слободното новинарство во медиумите, не му оди во прилог никому, а најмалку на новинарите и на граѓаните, за кои работиме и на кои им служиме“, се вели во реакцијата на Чадиковски.

Слични содржини