На 3-ти мај, светски ден на слободата на медиумите, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски лоцира три причини кои во моментов влијаат врз слободата на изразувањето на новинарите.
„Првата е немањето правда за новинарите. Неказнивоста на насилниците и натаму е голема, а воедно годинава имавме и неколку отфрлени тужби за насилствата против новинарите случени на 27-ми април 2017 година, што е скандалозно само по себе. Говори за негрижата на државата за носителите на оваа професија, на која се гледа само како на нужно зло. Се надеваме дека годинава конечно ќе бидат донесени измените на Кривичниот законик, со кој напад врз новинар ќе се смета за напад врз службено лице, на што инсистиравме и одржавме неколку состаноци со Министерството за правда“, вели Чадиковски, во изјава за ДВ.
Според негова оценка денес слободата на говорот за разлика од пред 5 или 6 години е многу поголема, и затоа не треба да се експериментира со враќање на владините пари за кампањи во медиумите.
„Инсистираме на создавање на Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес, за новинарски продукти, преку кој ќе се овозможи финансирање проекти за истражувачко, аналитичко новинарство, за документарна, образовна, едукативна содржина. Вака, најпрактично би се помогнало новинарството, а ќе се влијае и на подобрување на примањата на новинарите и медиумските работници. Новинарството сѐ уште не може да се опорави од таа дисторзија на пазарот пред десетина години. Не треба да се носат решенија што ќе резултираат со траен клиентелистички однос на државата и медиумските газди, и затоа нудиме модел кој нема да ја загрози слободата, напротив, ќе донесе креатива и истражувачки стории“, вели претседателот на ЗНМ.