Чадиковски за слободата на медиумите: „Три чекори напред – два назад”

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го одржа годишното неизборно собрание. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање потсети на сработеното и спроведените проекти, како и заложбите за подобрување на условите на медиумските работници.

– 2021 беше уште една година на предизвици за новинарството, во отежнати услови за работа и здравствена криза поради пандемијата на КОВИД-19. Потребно беше доста енергија и умешност да се работи во вакви услови со бројни проблеми и да се излезе во пресрет на потребите и барањата на членовите на ЗНМ, вели Чадиковски.

Правејќи ретроспектива за изминатата 2021 година и за сработеното на ЗНМ, Чадиковски посочи дека успеале да обезбедат поддршка за спроведување на повеќе проекти, во рамките на кои беа реализирани повеќе обуки и различни настани и средби со вклученост од 400 учесници.

Активна беше и работата на Секцијата на спортски новинари, Секцијата на фоторепортери и како најактивна Секцијата на сниматели, која во текот на 2021 година реализираше неколку регионални средби посветени на подобрување на меѓусебната соработка и солидарно функционирање.

Како позитивен исчекор, претседателот на ЗНМ го посочи формирањето на Секцијата на млади новинари во рамките на Здружението и активната работа на членовите во рамки на стратешкиот план за дејствување во иднина.

Како резултат на упорните барања од страна на ЗНМ, Владата го прифати предлогот за измените во Кривичниот законик, со кој се поставува поефикасен систем за заштита на новинарите, обесхрабрувајќи ги потенцијалните напаѓачи во иднина.

– Во изминатите неколку години во земјава сведоци сме на ситуацијата „три чекори напред – два назад” кога станува збор за состојбите со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и спроведувањето на постојното национално законодавство поврзано со медиумите. ЗНМ влијае на слободата на изразување и безбедносната положба на новинарите и медиумските работници. Имавме проактивна улога во консултативниот процес со Министерството за правда за изнаоѓање решенија за институционална заштита на новинарите и медиумските работници, преку воведување одредби во Кривичниот законик со кои ќе се гарантира безбедноста на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната работа, вели Чадиковски.

Во однос на нападите врз медиумските работници, претседателот на ЗНМ информираше дека процентот на целосно расчистени случаи на напади врз новинари е сè уште многу мал, односно помеѓу пет до десет проценти од регистрираните случаи се со судска разрешница.

– Сепак треба да забележат некои мали подобрувања. Случајот со говор на омраза на Фејсбук страната на ЗНМ за којшто беше поднесена пријава, заврши со прва пресуда во историјата на државата во корист на ЗНМ, а со условна затворска казна за сторителот на ова дело, додаде тој.

Чадиковски информираше и за активно вклучување во имунизација против коронавирусот на медиумските работници, во моменти кога тоа беше најпотребно.

– Во координација со Министерството здравство и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), ЗНМ спроведе акција за пријавување и организирано вакцинирање на новинари и медиумски работници од вкупно 110 традиционални и онлајн медиуми од целата држава. Вкупно беа имунизирани околу 3000 новинари и медиумски работници, истакна Чадиковски во своето обраќање.

Претседателот на ЗНМ заклучи дека резултатите од 2021 година можеби не можат да се опишат како огромни, но се чекори од исклучителна важност што водат кон остварување на целите.

Слични содржини