Играчот од средниот ред на Интер, Хакан Чалханолу му одговори на својот поранешен соиграч во Милан, Златан Ибрахимовиќ, кој за време на шампионската парада на „росонерите“ ги повика навивачите на тимот да скандираат против членот на турската репрезентација.
„Тој е 40-годишен маж, а не 18-годишен, па јас не би направил такво нешто на негова возраст. Тој само сака да биде во центарот на вниманието. Тој не придонесе за скудетото оваа сезона и речиси не играше, но сепак ќе даде се од себе да биде во центарот на вниманието. Освен тоа, тој е тој што постојано ми се јавува, барајќи од мене да одам на вечера или да возам мотори. За мене пишуваше и во својата книга. Мораше да напише нешто, инаку страниците ќе останат празни. Не му одговарам, подобро да не му обрнувам внимание, да бидам искрен“, изјави Чалханолу во интервју за „Tivibu Spor“.
Тој исто така повтори дека Интер е посилен од Милан и дека навивачите на „нероазурите“ се однесуваат кон него подобро од навивачите на „росонерите“ додека играл за нивниот тим.
„Ми беше доста тешко бидејќи бев во ист град, но со различни бои. Сепак, работев напорно и знаев дека ова е моја можност да му се приклучам на актуелниот шампион на Италија. Потоа, кога мојот сегашен тим не го освои Скудетото, а мојот поранешен клуб го освои, луѓето се однесуваа како да сум јас виновен. Сепак, јас сум многу среќен во Интер и навивачите многу ми помагаат. Играв во Милан четири години, но никој никогаш не го скандираше моето име на трибините, како што се случува секогаш кога само се загревам за Интер. Ние сме многу посилен тим од Милан. Го загубивме дербито, кое наеднаш се смени во 75. минута откако бевме заменети јас и Иван Перишиќ. Водевме 1:0 и загубивме 1:2, па тренерот придонесе за поразот и тоа му го кажав. За Купот на Италија, сепак, го победивме Милан со 3-0“, додаде играчот од средниот ред.
Сепак, Чалханолу подоцна објави изјава во која објасни дека неговите зборови се извадени од контекст и дека нема намера да го критикува својот ментор Симоне Инзаги.
„Очигледно некои од моите зборови се погрешно протолкувани од некои медиуми. Никогаш не сум критикувал ниту еден тренер, а камоли Инзаги, кого го сметам за голем тренер и кој многу ме посакуваше во Интер, давајќи ми голема самодоверба. Бидејќи јас и моите соиграчи имавме одлична сезона и освоивме два трофеи, голем дел од заслугите за тоа му припаѓаат на него“, рече тој.