Кралот Чарлс III се искачи на тронот дури на 73-годишна возраст, по неколку децении чекање. Иако е најстариот престолонаследник во историјата на Велика Британија, извори блиски до новиот крал велат дека тој не ја посакувал функцијата бидејќи за да ја добие прво би требало да ја погреба мајка си.
Чарлс официјално стана престолонаследник на само четири години, кога неговата мајка Елизабета Втора беше крунисана. Тој веќе 70 години е покрај неа со титулата принц од Велс, која ја носи од 1959 година, а како што го нарекуваат „кралот во чекање“, дури и во медиумите имаше анализи што ќе се случи ако тој умира прв, со оглед на неговите доцни години.
Сè уште се памети интервјуто на неговата поранешна сопруга принцезата Дијана, која во 1995 година сугерираше дека Чарлс не сака да биде крал и дека не е „погоден“ за толку тешка улога.
Долго време се шпекулира и дали нов крал ќе биде Вилијам, односно дали најстариот престолонаследник во историјата на Велика Британија ќе остане без круна.
Сепак, извори блиски до новиот крал за британските медиуми тврдат дека Чарлс никогаш навистина не сакал да зборува за тоа бидејќи тоа би значело да зборува за смртта на неговата мајка.
Кралицата никогаш не размислувала за опцијата да абдицира и да му отстапи место на својот син, што значи дека единствениот начин Чарлс да стане крал е токму она што се случи – смртта на најсаканата британска кралица.
Од утре и официјално крал
Чарлс беше подготвен за својата нова должност. Неколку часа по смртта на кралицата било објавено дека е новиот крал, а набргу потоа и со какво име решил да се претставува – Чарлс III.
Официјално, во 10 часот во сабота, тој ќе биде крунисан на Пристапниот совет во палатата Сент Џејмс, соопшти Бакингемската палата. Пристапниот совет ќе биде проследен со Главната прокламација која ќе се чита од балконот во палатата Сент Џејмс во 11 часот.
Ова е прво јавно читање на Прокламацијата. Втората прокламација ќе биде прочитана во Лондон, на пладне на Кралската берза, а потоа во Северна Ирска, Шкотска и Велс.
До вчера, неговата целосна титула гласеше: Неговото кралско височество принцот Чарлс Филип Артур Џорџ, принцот од Велс, грофот од Честер, војводата од Корнвол, војводата од Ротсеј, грофот од Керик, Барон Ренфру, господарот на островите, принцот и голем чувар на Шкотска. Како тоа да не се доволни титули за еден човек, африканското племе Масаи во 2001 година му ја додели и титулата „Чувар на кравите“.
Од утре наутро ќе биде познат само како крал Чарлс III.