Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги поддржува напорите на САД за борбата против корупцијата и испраќањето на специјален тим од Вашингтон во Скопје кој ќе помогне во истражување на криминални активности од бивши и сегашни функционери.
-Јас апсолутно, сето она што беше изнесено од страна на амбасадорот на САД, меѓутоа и на други релевантни фактори, ги поддржувам и мора час поскоро секој од нас да направи максимум со своето делување да се стави крајот на криминалот и корупцијата во државата од секој можен аспект, oдносно, да се створи систем кој ефикасно и брзо ќе одговори. Ние, како МВР апсолутно стоиме на располагање во секој поглед да ги поддржиме сите овие активности, и тоа практично е приоритет и на Владата и тој приоритет мора да биде докрај реализиран, рече денеска Спасовски по посетата и средбите во СВР Струмица.
Тој истакна дека треба да се навлезе во секоја пора од македонското општество и секој што се занимава со криминал од каков било тип да сноси сериозна одговорност.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, вчера објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон кој е тука за поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани функционери.