Тренерот на Барселона, Чави Ернандез изјави дека е задоволен од враќањето на 19-годишниот Ансу Фати. Фудбалерот влезе од клупата на местото на Пјер-Емерик Обамејанг во 75. минута од мечот со Мајорка, кој го доби Барселона со 2:1.
Последните 16 месеци беа исклучително тешки за Фати, кој се здоби со различни повреди.
„Многу сум среќен поради него. Вложи многу напори за да биде подготвен за последната фаза од сезоната“, proкоментира Чави за весникот „Марка“.
„Ансу дефинитивно прави разлика во натпреварите. Тој е посебен фудбалер и мораме да се грижиме за него“, додаде тренерот на Барселона.
„Го испробав како број 9 бидејќи мислам дека треба да игра повеќе во шеснаесетникот. Несомнено, тој е посебен играч кој знае да постигнува голови. Го гледам повеќе како напаѓач отколку како крилен напаѓач. Тој се уште не ја вратил целосно физичката форма и брзина, но среќен е што повторно е во игра“, изјави Чави за талентираниот фудбалер.
Екипата на Барселона е втора во поредокот во шпанската Ла Лига со 66 бодови, 15 помалку од лидерот Реал Мадрид, кој веќе ја обезбеди шампионската титула.