Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, уште еднаш навести дека Усман Дембеле може да остане во клубот и во иднина. Неговиот договор истекува на лето, но новиот тренер се потпира на него, а Французинот враќа со многу силни настапи. Во неделата вечерта, тој постигна гол и направи две асистенции за само околу една четвртина од натпреварот на крајот, помагајќи за силната победа од 4-0 над Атлетик Билбао.
„Многу сум среќен за Усман бидејќи тој е професионалец“, изјави Чави. „Го бранам, а зборовите што му ги кажувам не се лаги. Дембеле ја направи разликата на овој натпревар. Можам да го користам лево, десно, точен е на последното додавање…, а и бележи. Го видовме оној Дембеле, кој сакаме да го гледаме. Дали повторно би потпишал со Барса? Ова е нешто помеѓу него и клубот. Во фудбалот ништо не може да се исклучи, бидејќи работите се менуваат од денес за утре“, изјави Чави по мечот.
Тренерот не е изненаден од се посилните игри на Каталонците под негово водство.
„Секако дека очекував ваква промена, бидејќи на тоа работиме долго време. Денеска сите овие напори вродија со плод, откако постигнавме три гола на крајот од натпреварот. Покрај тоа, бевме цврсти во одбраната и не дозволивме речиси никаква опасност пред нашата мрежа. Одличен резултат! Сите помагаат во име на успехот. Веќе играме со високи линии, а имаме многу опции во нападот, кои ги немавме пред два месеци“, додаде Чави.
Тренерот не штедеше суперлативи и за Педри, кој беше избран за играч на натпреварот.
„Педри многу ме потсетува на Андрес Иниеста. Ако зборуваме за чист талент, тој е број еден во целиот свет“, изјави Чави.