Екипата на Барселона победи со минимални 1:0 против екипата на Осасуна во средба од 20. коло на шпанската Ла Лига, со што Каталонците се вратија на победничкиот пат по катаклизмите кои ги доживеаја во последната недела. Тоа беше прва победа за „блауграните“ откако главниот тренер Чави Ернандез објави дека ќе се повлече на крајот на сезоната, а победата ја донесе новото засилување Витор Роке. Токму Бразилецот беше во срцето на коментарите на тренерот на шампионите по судирот.
„Ова е многу важен момент за Витор. Замислете ги неговите чувства по неговиот прв гол за Барселона, кој беше и победнички. За толку млад играч е многу важно постепено да се навикнува на новите услови. Мислам дека денешниот гол ќе има многу сериозно влијание врз процесот на адаптација. Роке е добар млад човек кој работи, игра со леснотија и многу се движи. Тој знае што може да направи и овој гол ќе биде добар за неговата самодоверба и напор и треба да му помогне да се докажува во иднина“, рече Чави.
Тренерот на Барселона не ги штедеше критиките кон некои од поискусните играчи кои не се претставија задоволително на натпреварот. Напаѓачот Роберт Левандовски беше меѓу нив, а коментарите на Ернандез ја допреа неплодноста на Полјакот не само вечерва, туку и во последно време.
„Деновиве многу разговаравме со него. Не смее да се оддалечи од шеснаесетникот. Роберт мора да биде подготвен да решава ситуации во противничкиот шеснаесетник. Тој треба да решава во клучните моменти од играта. Му кажав дека е потребно да се игра на начин, за да бидеме поефективни во нападите. Левандовски е еден од најдобрите напаѓачи во светот и како таков треба да постигнува голови. На сите напаѓачи им требаат голови за да имаат самодоверба“, додаде Чави.