Роналд Куман засега е безбеден на клупата на Барселона, но атмосферата во клубот е таква што изгледа како секоја следна грешка да може да му пресуди.
Најголем фаворит на локалните медиуми и навивачи за наследникот на Куман е легендата на клубот Чави Ернандез, кој трета сезона вредно собира тренерско искуство во катарски Ал Сад.
Нема сомневање дека легендарниот играч за врска порано или подоцна ќе седне на клупата на Барселона, а „Марка“ пишува што треба да се направи за да се случи тоа по заминувањето на Куман.
Прво, Чави сигурно нема да биде притиснат додека Куман се уште е формално тренер на Барселона. Марка пишува дека тој не би преговарал со Барселона се додека таа има тренер, особено кога станува збор за Холанѓанецот кого го смета за симбол на клубот. Чави од страна го следи она што се случува на „Камп Ноу“, но додека тренерската позиција не остане празна, не му паѓа на памет да зборува за тоа.
Понатаму, Чави има добар однос и голема меѓусебна почит со претседателот Жоан Лапорта. Виктор Фонт го користеше името на Чави во неговата претседателска кампања, но Чави никогаш не го посочи Фонт како негов фаворит, туку јавно секогаш остана неутрален.
Чави знае дека порано или подоцна ќе стане тренер на Блауграна и затоа не сака да брза и да дојде во неповолен момент. Ако Лапорта го избере за прв кандидат, ќе мора да седне со него и да му го претстави неговиот проект. Поранешниот играч од средниот ред ќе ја прифати понудата само ако му се допадне проектот, иако сезоната е веќе започната, и во Европа и во Катар.
И тоа води до последната точка на Марка – подготвеноста на Ал Сад да го пушти. Чави неодамна го продолжи договорот до летото 2023 година, тој веќе освои пет домашни трофеи (шампионат, три пехари и супер куп), а тој и неговото семејство се среќни во Катар, пишува шпанскиот весник. Тој има одлични односи со сопствениците на клубот, од кои ќе треба да побара дозвола за заминување во случај на повик од „Камп Ноу“, но со оглед на посебните околности, не се очекува тие да му направат никакви проблеми.
Во меѓувреме, Чави својата успешна работа ќе ја продолжи во Ал Сад, кој по три кола од новата сезона се наоѓа на делба на првото место со максимален ефект, а во октомври ќе се соочи со финалето на уште еден куп.