Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска во Сараево изјави дека неговата земја силно ја отфрла секоја дискусија за можни промени на границите на Балканот и сака да види зачувување на стабилноста во регионот, додека соработката меѓу земјите таму е зајакната.
Шефот на турската дипломатија престојуваше во официјална посета на Босна и Херцеговина, каде пристигна од Словенија. По состанокот со министерот за надворешни работи на БиХ – Бисера Турковиќ, тој им изјави на новинарите дека во Љубљана добил уверување дека тамошните власти во никој случај не стојат зад фантомскиот „нон-пејпер“ што се појави во медиумите и укажа на потребата за промена на границите на регионот за да се формираат големи етнички држави, а БиХ да се подели.
„Словенија во никој случај не ги поддржува ставовите изразени во нон-пејперот, ниту е нивен автор“, рече Чавушоглу, додавајќи дека оние што пишуваат и поставуваат такви дела го прават тоа со „крајни намери“.
Министерката Турковиќ потврди дека од Чавушоглу добила уверувања дека Турција силно ги поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.
„Турција несомнено го поддржува не само територијалниот интегритет на БиХ, туку и нашиот пат кон членството во Европската унија. Турција е исто така еден од нашите најважни партнери кога станува збор за соработката со НАТО“, рече Турковиќ.
Таа посочи дека најдобар доказ за тоа колку Турција се грижи за ситуацијата во регионот е тоа што ја охрабрува и е подготвена да ја финансира изградбата на автопатот меѓу Сараево и Белград, што го опиша како еден од најважните проекти за регионален развој.
Во одделни интервјуа за некои дневни весници на Босна и Херцеговина, Чавушоглу рече дека дури и дебата за суверенитетот или територијалниот интегритет на БиХ или која било земја во регионот ја загрозува стабилноста не само на таа земја, туку и на нејзините соседи, регионот и континентот .
„Ако ја земеме БиХ како пример, зборуваме за ситуација што може да ја загрози стабилноста на Балканот, па дури и на Европа. Турција, како балканска земја, дава целосна поддршка на политичкото единство и територијалниот интегритет на БиХ“, рече Чавушоглу .
Тој исто така потврди дека Турција предлага трилатералниот механизам за консултации, започнат во 2010 година, кој ги вклучува БиХ и Хрватска заедно со Турција, сега да се подигне од министерско на ниво на шефови на држави.
„На овој начин, ние сакаме да го подигнеме профилот на овој механизам и поефикасно да спроведеме конкретни проекти за соработка. Реализацијата на конкретни проекти ќе биде во интерес на регионот и БиХ“, објасни Чавушоглу.
Сепак, не е јасно како би функционирало ова, имајќи предвид дека Хрватска одбива да го признае легитимитетот на Жељко Комшиќ како хрватски член на Претседателството на БиХ и дека тој ќе биде претседател на државниот врв осум месеци до изборите во 2021 година, пренесе Хина.