Чеферин: Нѝ понудија поткуп од 3,5 милијарди евра

од Vladimir Zorba
353 прегледи

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин гостуваше на ХТВ и во таа прилика откри како се снашол со колапсот на европската Суперлига.

„Знаев дека морам да играм максимално агресивно бидејќи моравме да ја поништиме Суперлигата за 48 часа или можеби ќе имаа некои шанси да успеат. Бев сигурен дека се бориме за вистинската работа. Тоа елитистичко натпреварување би значело дека од 55 членки на УЕФА, најмалку 45 би биле блиску до банкрот. Овие луѓе се милијардери, сите им велат дека немаат реална слика. Знаев дека сме на работ, или ќе паднеме или ќе ја урнеме Суперлигата. Имаше се, и закани и поддршка. Не спиев, ниту јадев, ниту пиев тие 48 часа, но се исплатеше“, изјави Чеферин, а потоа откри дека дознал за Суперлигата додека бил во друштво на неговиот близок соработник Звонимир Бобан.

„Заедно отидовме во Швајцарија, заедно бевме во автомобилот кога тоа се случи. Беше позитивен од првиот момент. Добро е што немав покрај себе некој што плаче и кука како ќе изгубиме се и дека фудбалот ќе пропадне. Ми рече: „Ајде да се обложиме во вечера дека ќе ги срушиш за два дена“. И јас се обложив, но сè уште не сум платил за вечера“.

Словенецот откри како некои клупски челници понудиле соработка.

„Некои клубови ми се јавија и рекоа дека ќе влезат во Суперлигата за да ни бидат пријатели од внатре и да ни даваат информации. Им реков дека од утре сите ќе ми бидат непријатели. Тоа е војна. Кога го запаливме чкорчето, навивачите скокнаа, а потоа Борис Џонсон, англискиот премиер, а потоа и францускиот претседател Емануел Макрон. Интересно, во 2019 година, во мојата канцеларија дојде е-пошта од навивач на Тотенхем кој рече дека има 40 години, а татко му навива на Спарс 60 години, и дека не можат да добијат билети за финалето на Лигата на шампионите со Ливерпул. Им испратив две гратис карти. Ми се јавија подоцна, беа во првите редови. Навивачите разбираат дека фудбалот е за секого. Секој мора да има можност да сонува за освојување на Лигата на шампионите“.

Чеферин е убеден дека на никој нема да му текне да формира Суперлига или слично натпреварување.

„Кога се заврши, добив покана од еден од луѓето кои лобираа за Суперлигата. Ми рече дека може да ни дадат три и пол милијарди евра за да го направиме тоа натпреварување. Му кажав дека некој е луд, тој или јас. Оттогаш не се јавиле. Реално е дека сме десет години мирни по тоа прашање“, заклучи Чеферин.

Слични содржини