Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изјави дека нема ништо против Барселона, Реал Мадрид и Јувентус, клубовите што иницираа формирање на фудбалската Супер лига, да ја напуштат УЕФА.
Во разговор за Шпигел, Александар Чеферин рече дека е смешно што Барселона, Реал Мадрид и Јувентус сакаат да формираат ново натпреварување, а во исто време сакаат да играат и во Лигата на шампионите.
„Не би ми пречело да си заминат, многу е смешно што планираат да создадат ново натпреварување, а во исто време сакаат да играат во Лигата на шампионите оваа сезона“, рече Чеферин.
Тој верува дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус имаат неспособни менаџери кои „се обидуваат да го убијат фудбалот“.
Чеферин, исто така, нагласи дека е многу лицемерно кога претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, се жали дека клубот не може да преживее без Супер лигата, а потоа се обидува да го доведе Килијан Мбапе во Мадрид за 180 милиони евра.
Тој исто така изјави дека му се заканувале кога го одбил предлогот УЕФА да ја организира Супер лигата.
Словенецот најави и реформи на финансискиот фер -плеј, кои ќе ги принудат клубовите што надминуваат одредена граница во трошењето пари да платат суми што потоа ќе ги поделат другите клубови.