Не сум за забрана на спортистите да се натпреваруваат, изјави во интервју за РТВ Словенија, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин, како одговор на прашањето зошто Израел, за разлика од Русија, може да учествува на натпревари под покровителство на УЕФА.
На прашањето зошто УЕФА има различна политика и став кон Русија и Израел, Чеферин одговори дека тоа е легитимно прашање.
„Во принцип, не сум за тоа да не им се дозволи на спортистите да се натпреваруваат. Во случајот со Русија, гледаме дека спортистите не се натпреваруваат три и пол години, а војната е уште полоша отколку што беше. Знам дека многумина се противници на режимот, но сепак не можат да играат. Тука, спортот е силно испреплетен со политиката и политиката е во голема мера вклучена тука“, нагласи Чеферин.
За разлика од Русија, на Израел сепак му е дозволено да се натпреварува, а претседателот на УЕФА ја објасни оваа одлука.
„Многу ми е тешко да коментирам што би можело да се случи. Но, во принцип мислам дека сите спортисти треба да имаат можност да се натпреваруваат“, рече Чеферин.
Тој се осврна и на неодамна завршените големи фудбалски натпреварувања, Светското клупско првенство и Европското првенство за жени, оценувајќи дека играчите се преоптоварени.
„Мислам дека нема простор за никакво ново натпреварување. Дури и Светското клупско првенство, според мене, е нешто што веќе премногу ги оптоварува играчите. Се одржува по сезоната и играчите практично немаат одмор“, заклучи Чеферин.