Чекајќи да пристигнат туристите

Додека одредени светски дестинации стравуваат од масовен туризам создаден од туристите кои ќе креираат одмор преку алатките на вештачката интелигенција, македонскиот туристички сектор чека да пристигнат туристите за 2026 година без јасни насоки, стратегии, развојни планови кои колку – толку ќе имаат нота на предвидливост и планирање на среден рок.

од Vladimir Zorba
94 прегледи Љупчо Јаневски/Фото: Фејсбук

Веќе со 2025 година календарски се збогувавме додека 2026 година е скоро поставена во туристичката индустрија за голем број на светски туроператори и дестинации кои ги диктираат трендови во оваа индустрија. Светските трендови кои скромно се наметнаа во 2025 година, а стануваат хит оваа година се мотивирани од динамиката на секојдневното живеење, влијанието на урбаните средини, вештачката интелегенција и потребата се повеќе од кратки одмори кои овозможуваат бегство од секојдневната рутина.

Трендовите кои ќе ги изменат патувањата во следните години каде цената на туристичкиот аранжман нема да биде пресудна се тивките бегства од секојдневието со уникатни искуства, ултра – персонализирани патувања во кои ќе уживаме во спороста, а не динамиката на патувањето, повторно актуелизирањето на патувањата со автомобил и индивидуалното кроење на арамжанот, културолошките патувања во парови, враќање на природата во дестинации кои ретко ќе бидат препорачани од вештачката интелегенција и др. Сепак дигитализацијата и вештачкта интелегенција се пресудни за платформите како Амадеус, Експедија, Букинг кои се повеќе упатуваат на користење на вештачката интелегенција за креирање на индивидуалните патувања, резервации, истражување на дестинациите како и препораките за патувања во 2026 година. Овој растечки тренд со вештачката интелегенција (Ghat GPT) без напор да го искреирате својот одмор ги зголемува стравувањата на експертите за можноста од создавање преголема концентрација на туристи во одредени светски дестинации. Овие дестинации нема да имаат можност да се подготват за големите пикови во сезоната или посети на одредени атракции, што ќе создаде голем број на предизвици за локалното население, туристичките работници, одржливоста и сервисирањето на дестинацијата.

Додека одредени светски дестинации стравуваат од масовен туризам создаден од туристите кои ќе креираат одмор преку алатките на вештачката интелигенција, македонскиот туристички сектор чека да пристигнат туристите за 2026 година без јасни насоки, стратегии, развојни планови кои колку – толку ќе имаат нота на предвидливост и планирање на среден рок.

Очигледно годината ја завршивме со предвидениот скромен раст сна странски туристи, континуиран пад на домашните туристи и ноќевања, анемичната туристичка промоција, слабата дигитализација, нови инвестиции што преставува јасен сигнал за компетентните лица во туристичката индустрија за потребата од отпочнување на нов циклус. Силен фокус на домашните туристи и градење на навики кај младите генерации преку едукација за убавините на државата што преставува еден од столбовите на националниот идентитет. И колку ова да звучи сложено може да ги вратиме во нашите училишни клупи и одморите во детските одмаралишта Бунец во Маврово, Титови Пионери – Николич Дојран, Пелистер – НП Пелистер, Шула Мина – Крушево, Малешево и Суви Лаки во Берово, Мајски Цвет во Струга и други кои во денешно време имаат преплетени ингеренции од Министерството за труд и социјална политика и голем број на други државни институции. Детските одморалишта кои се заборавени преставувајки паметник за нашата негрижа како систем, рамнодушноста и безидејноста на локалните и централните власти во Македонија. Изградени во далечните 70-ти и 80-ти години од минатиот век на точно одбрани еко локации во национални паркови, заштитени подрачја и средини во кои туризмот создава мултипликативни влијанија на локалниот економски развој и едукативна нишка која трајно се всадува на генерациите кои учат, растат и се градат како личности. Од тука е потребно да започнеме да ја градиме Македонија како туристичка дестинација со целосна ревитализација и трансформација во современи центри за детски, младински и семеен туризам. Инвестиции кои не се од доменот на инпозантните инфраструктурни државни проекти, генерално финансиски поскромни, брзо исплатливи, но доволно влијателни да создадат дополнителен позитивен ефект во локалниот еконоски развој со нивната работа во текот на целата година.

Ја знаеме моменталната нивна состојба од која не треба да се срамиме и игнорираме, дотраена инфраструктура и застарени сместувачки капацитети, немање на безбедносни и хигиенски стандарди, нејасен модел на управување и сопственост, недостаток на современи програми за деца од страна на Министерството за образование, слаба промоција и нефункционален бизнис модел. Паѓа во очи немањето на капацитет на Министерството за труд и социјална политика на ова поле, односно потребата од формирање на Национална туристичка организација која ќе управува под одредени услови и план со дестските одмаралишта. Во нив освен децата и државната администрација ќе може да ги одржува своите едукации, семинари, работилници, бидејки во овој момент трошиме средства од државниот буџет со одржување на овие активности во регионот односно да развиваме други дестинации, а плаќаме субвенции за странси туристи. Нелогично нели?

Националната туристичка организација во следните пет години потребно е да создаде одржлив модел на Јавно-приватно партнерство (ЈПП), управување преку специјализирана фондација или агенција, силна интеграција на локалните самоуправи и можни партнерства со училишта, спортски федерации и НВО. Ова треба да создаде модерни, безбедни детски одморалишта или како секаде во светот да преставуваат едукативно-рекреативни центри, кои ќе работат цела година и ќе реализираат, детски и училишни одмори, спортско-рекреативни кампови, еко и планински туризам, културно-образовни програми, еко-кампови и учење во природа, спортски кампови, културно-уметнички работилници, дигитална едукација, кампови за социјална инклузија, конференции и работилници за администрацијата и компаниите. Исто така ќе се реализираат и останати содржини кои ќе зависат од менаџерскиот тим и нивната креативност во работењето со воведени светски стандарди во сместувачките капацитети и гастрономски понуди кои ќе бидат во насока на локални специјалитети со предзнак на ено-гастро македонски концепт. Овие инвестиции ќе придонесат за продолжување на туристичката сезона, развој на рурален и планински туризам, вработување на локално население, задржување на младите во руралните средини…

Најважно од се е младите генерации кои ќе градат трајни вредности на повеќе полиња од социјализацијата, националната припадност до едукативната димензија за сочувувањето на природата и градењето трајни животни вредности.

Затоа додека ги чекаме туристите да (не)дојдат потребно е да се разбудиме и започнеме да ја градиме Македонија како туристичка дестинација доволно магична за домашните туристи кои треба да преставуваат основа на македонскиот туристички сектор и странските кои се дополнителна вредност во дестинацијата. Да засукаме ракави и да излеземе од комотната зона на чекање некој друг да ни ги заврши работите, бидејќи очигледно тоа сме ние! Доколку сакаме да ги достигнеме 4,5 милиони ноќевања во 2030 година и една милијарда долари туристички промет треба да градиме доверба со институциите и да оставиме професионалците да ја работат својата работа и чекор по чекор да отпочнеме со градење на Македонија како туристичка дестинација.

Доц. д-р Љупчо Јаневски 

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини