Чекориме по патот кој води кон унапредување на квалитетот на живот на сите, вели Тренчевска

од Vladimir Zorba
276 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше гостин во емисијата „Во живо” на МРТ. Тема на разговор беше билатералниот скрининг за Поглавје 19, новиот Закон за работни односи и новиот предлог Закон за родова еднаквост.

„Во месец мај предводев делегација составена од вработени во Министерството за труд и социјална политика и други релевантни чинители кои се поврзани со темите од поглавјето 19 на Билатералниот скрининг во Брисел. На скринингот беа презентирани направените реформи во социјалната заштита, усогласувањето на законските регулативи со оние на Европската Унија но, и нашите идни планови” изјави Тренчевска.

Во однос на социјалната заштита министерката ја посочи деинституцијализацијата како успешен проект. Таа рече дека како земја сме пример за спроведување на овој проект дури и во рамките на Европската Унија. Исто така на гостувањето беа истакнати и двојните придобивки од деинституционализацијата.Беше истакнато дека во рамки на проектите се вработија многу лица и беше посочено дека покрај тоа што се обезбедени подобри услови за лицата со попреченост придобивка е и вработувањето на стручен кадар.

Во делот на Законот за работни односи министерката истакна дека законите се направени да ги штитат правата на работниците и дека измените на овој закон не се против уставот. Таа посочи дека секоја прекувремена работа ќе биде извршена со претходно потпишана согласност од страна на вработениот и дека истата ќе биде регуларно исплатена.

На гостувањето министерката се осврна и на прашањето за родовата еднаквост.

„Кога зборуваме за концептот на еднакви можности, кога зборуваме за родовата еднаквост, зборуваме за еднакви човекови права, ненасилство, почитување на права на жените, еднаков пристап до можности и образование како и еднаков пристап до пазарот на трудот. Се ова беше погрешно толкувано во јавноста и беше посочено дека ќе се дозволи промена на пол или истополови бракови што не е случајот со предлог Законот за родова еднаквост. Целта е воведување на зајакнети механизми за да можат да ја имплементираат родовата еднаквост како на локално ниво така и на територијата на целата држава” рече Тренчевска.

Слични содржини