Челниците на ПСЖ им се заканувале на судиите на полувремето од мечот со Реал ?!

од Vladimir Zorba
365 прегледи

Пари Сен Жермен успеа да го совлада Реал со голот на Килијан Мбапе во 94. минута и со тоа дојде до предност пред реваншот во Мадрид во дуелот од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Од таа страна се е јасно, но шпанска „Марка“ (инаку блиска до Реал) утрото по мечот пишува за наводниот скандал што се случи на полувремето од парискиот дуел.

Имено, новинарот Мишел Анхел Торибио објави дека челниците на ПСЖ влегле во соблекувалната на судиите и директно му се заканиле на италијанскиот судија Даниеле Орсато.

„Ал Келаифи и Леонардо се симнаа доле на полувремето за да извршат притисок врз Орсато за судењето во првото полувреме. На настанот сведоци се луѓе од УЕФА“, тврди Торибио.

Тие, наводно, го привлекле вниманието на Орсато дека дотогаш лошо ја водел играта.

Забелешки на судењето по натпреварот имаше и Карло Анчелоти.

„Имавме двајца играчи на кои им се закануваше суспензија и двајцата „паднаа“. Искрено, двата картони ми изгледаа премногу меки, како подарок за ривалот. Така му кажав на судијата. Продолжуваме понатаму, ќе ги замениме играчите кои нема да играат“, изјави Анчелоти.

Инаку играчите за кои станува збор се Каземиро и Ферлан Менди, кои нема да играат на реваншот.

Ако е тоа навистина вистина, УЕФА треба да покрене истрага во оваа прилика, но ќе видиме што ќе се случи, бидејќи има уште многу време до реваншот во Мадрид на 9 март.

Слични содржини