Челси е се поблиску до договор со крилниот напаѓач на Барселона, Усман Дембеле. На Французинот му истекува договорот и тој треба да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата. Интересот за него е доста голем и тој треба да разгледа неколку предлози, вклучително и од неговиот сегашен клуб Барселона, кој прави се што е во негова моќ да го задржи на „Камп Ноу“.
Сепак, според Мундо Депортиво, играчот попрво би преминал на „Стемфорд Бриџ“.
За 25-годишниот фудбалер се заинтересирани и Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Јувентус и Пари Сен Жермен. Во оваа фаза, сепак, Челси е најупорен и важи за фаворит за привлекување на Французинот.
„Сините“ веќе имаат нов сопственик откако американскиот конзорциум на чело со милијардерот Тод Боли ги купи акциите на клубот од Роман Абрамович. Ова ќе им ги одврзе рацете на лондончани, кои ќе можат да станат поактивни на трансфер пазарот. А една од првите цели на менаџерот Томас Тухел е Дембеле. Двајцата веќе соработуваа во Борусија (Дортмунд) во сезоната 2016-17 и тренерот сака повторно да го има овој играч во својот тим.
Дембеле помина пет години во Барселона, но голем дел од времето беше во „амбуланта“, лечејќи разни повреди. Затоа неговиот трансфер од 145 милиони евра беше дефиниран како промашување.
Престојот на „Камп Ноу“, најверојатно, ќе го заврши со 150 натпревари, 32 гола и 34 асистенции.