Черепналковски: Македонската индустрија треба да се ориентира кон производство на финални производи со многу поголема додадена вредност-иновативност, а за тоа е потребна помош од Владата

од Vladimir Zorba
3,6K прегледи

Има неколку причини  кои извршниот директор за продажба и маркетинг во компанијата ЕДС-Златко Черепналковски ги наведува како аргументи во прилог на проценката дека не можеме да очекуваме цената на струјата да се врати на нивото пред пандемијата, но и дека никој не може однапред да каже дали таа  ќе покаже нестабилност и екстремност како минатата лето/есен сезона.

Сепак, логиката вели дека без разлика на предизвиците околу воените дејствија во Украина и финансиските предизвици со инфлацијата во Европа, се додека кризните параметри се во рамки на очекуваното и познатото, цените нема да варираат во екстремни крајности и ќе бидат во постабилни рамки но со повисоки вредности од претходни, вели Черепналковски во интервју за „Локално“.

Токму овој факт според него, индустријата треба да го земе предвид при изработката на своите бизнис планови.

„Јас не сум човек од производната индустрија, но согледувајќи ги разликите како кризата ја пребродија странските инвеститори во Македонија, би рекол дека македонската индустрија треба да се ориентира кон производство на финални производи со многу поголема додадена вредност-иновативност отколку моменталниот просек. А тоа се знае дека бара иновативност, инвестиции и помош од Владата“, вели Черепналковски. 

Според него на регионално ниво, сеуште преку берзите не може да се набави енергија на долг рок по фиксни цени бидејќи едноставно никој не се впушта во такви трансакции.

„Но ЕДС успева да ги хеџира своите долгорочни позиции користејќи софистицирани трговски аранжмани како што се „двострани договори за разлики“ (CFDs) и на тој начин во услови на непредвидливи цени обезбедува долгорочна сигурност со предвидливи маржи“, вели тој.

Најавува дека ЕДС наскоро ќе започне со активности за тргување и снабдување со природен гас, веќе се скенираат можностите за обезбедување долгорочни и гарантирани испораки на енергенсот како и анализа на апетитот за природен гас кај домашната индустрија во услови на зголемени цени на гасот.

Пред нас е нова грејна сезона, а со тоа се поприсутна е неизвесноста околу цените на енергенсите како за стопанството така и за граѓаните Какви се вашите очекувања во однос на берзанските цени на енергенсите? Дали ќе растат и до кое ниво очекувате да бидат до крајот на годинава и дали има опасност од нова енергетска криза?

-Состојбата во Европа пред новата грејна сезона има една важна предност во однос на минатата година. Тоа е нивото на мандаторните резерви на природен гас кои државите на ЕУ мораат да ги одржуваат на предодредено ниво. Имено овие резерви се на многу повисоко ниво од истиов период минатата година од две причини: (1) минатата година грејната сезона започна со многу повисоко ниво на мандаторните резерви од истиот период во 2021 година, и (2) зимата 2022/2023 беше релативно блага зима па потрошувачката на природниот гас беше релативно помала со што резервите останаа високи за пролетниот период од годината.

Украинскиот конфликт сепак придонесе да се намалат техничките и политичките можности за дополнување на резервите со руски гас па така надополнувањето ова лето/есен ќе се изврши преку зголемен откуп на гас од останатите традиционални извори за Европа: Северно море, Холандија, северна Африка и САД. Со оглед на фактот што овие извори обезбедуваат природен гас во Европа со повисока цена од цената на рускиот гас од пред 2021 година, нормално е да се очекува дека пондерирано упросечената цена на гасот во Европа ќе биде поскапа од вообичаената цена која ја уживавме до пред две години. Исто така, новите планирани ЛНГ терминали за испорака на втечнет природен гас во европските пристаништа ќе бидат пуштени во употреба дури во вториот квартал на 2026 година, па недостигот од инфраструктура сеуште ќе претставува една од причините за поголема волатилност (нагли промени) на берзанската цена на гасот. Дали тоа значи дека ќе се случуваат ценовни екстреми како што тоа се случуваше во летото 2022 година – тоа никој не може да предвиди.

Ако од претходно споменатите причини, се очекува цената на гасот да биде повисока отколку истата од пред две години, тогаш со сигурност може да се очекува дека  и цената на струјата нема да се врати на нивото од пред пандемијата од причина што пазарната цена во секој час сепак се дефинира според најскапите извори ангажирани согласно мерит листата на понуди. Најскапите извори се знае дека се гасните централи со отворен циклус кои со својата маневрабилност се ангажирани од систем операторите да ја регулираат фреквенцијата на системите па оттаму и заклучокот дека ако е гасот поскап и струјата ќе биде поскапа. Одново, никој не може со сигурност да каже однапред дали цената на струјата ќе покаже нестабилност и екстремност како минатата лето/есен сезона. Сепак, логиката вели дека без разлика на предизвиците околу воените дејствија во Украина и финансиските предизвици со инфлацијата во Европа (и глобално), се’ додека кризните параметри се во рамки на познатото и очекуваното, цените нема да варираат во екстремни крајности и ќе бидат во постабилни рамки но со повисоки вредности од претходно.

На прашањето дали очекувам „нова енергетска криза“, сакам да потенцирам дека зголемените цени на енергенсите не претставуваат енергетска, туку финансиска криза. Енергетска криза би била состојба во која нема доволно енергија – нешто што на Европскиот континент е тешко да се случи во догледно време.

Македонските компании во голема мера на свој грб ја истуркаа енергетската криза и покрај владините мерки. Дали има причина за страв за она што за нив ќе го донесе претстојната зима? Како да се подготват да ги намалат своите трошоци а при тоа да не ја зголемат цената на своите производи?

-Цените на енергенсите во Европа нема да се вратат на ниво од пред пандемијата па согласно тоа во своите бизнис планови индустријата треба да ја уважи премисата за зголемени влезни трошоци предвид. И не само зголемени трошоци по основ на потрошена енергија туку и по основ на скоро сите видови влезни трошоци за набавка на материјали и услуги. Во однос на нивните цени за финалните производи, се разбира туку пазарот и конкуренцијата ќе си го кажат своето. Во незавидна положба се оние индустриски капацитети, кои макотрпно ја стекнале својата позиција на меѓународните пазари и одеднаш поради зголемените влезни расходи драстично им се намалува финансискиот резултат или пак им станува негативен. Јас не сум човек од производната индустрија, но согледувајќи ги разликите како кризата ја пребродија странските инвеститори во Македонија, би рекол дека македонската индустрија треба да се ориентира кон производство на финални производи со многу поголема додадена вредност отколку моменталниот просек. А тоа се знае дека бара иновативност, инвестиции и помош од Владата која помош ќе се врати во буџетот повеќекратно на подолг рок. Тука Владата може да се ангажира. Јас секогаш досега во однос на начинот како Владата се справуваше со кризата велев дека една влада не може да направи повеќе од она со кое што располага – Македонија нема извори на природен гас и сирова нафта па тие енергенси мораме да ги увезуваме. Во електроенергетиката Владата направи она што можеше да биде направено – се увезе лигнит за кој се потрошија помалку ефективни средства отколку што ќе се потрошеа ако се увезуваше готова електрична енергија. Се потпиша протокол на ниво на оператори на системите за пренос на природен гас меѓу Северна Македонија и Бугарија и се зголеми притисокот во пумпната станица на бугарската страна со што се обезбеди дополнителен капацитет од 400 милиони кубни метри гас годишно над оној резевиран од Газпром, со што се отвори можност за увоз на природен гас во Македонија од слободниот пазар на гас. Во тој домен Владата нарави она што можеше да се направи и во тој домен нашата држава се соочува со реални ограничувања.

Но во политиката за поттик на индустријата да се преориентира повеќе кон финални производи со голема додатна вредност – иновативност, што бара инвестиции вон можностите на нашата индустрија, тука Владата може да понуди решенија за поттик на индустријата кои решенија на подолг рок би обезбедиле не само поголема продуктивност на домашната индустрија туку би обезбедиле и отпорност на бизнисот кон слични кризи кои можеби во иднина би биле почести и од различен карактер.

ЕДС беше меѓу првите компании трговци со електрична енергија на МЕМО ДАМ каде ги обезбеди потребните количини енергија за својата балансна група. Што значи овој чекор за компанијата три месеци од стартот? Може ли да се набави енергија на долг рок по фиксна цена?

-Организираниот пазар за електрична енергија кој го оперира МЕМО е уште една од повеќето можности кои ЕДС ги користи во својата трговија со електрична енергија. Како што е познато, ЕДС е членка на стожерната берза за електрична енергија во овој регион – Унгарската берза HUPX, па така директно или преку групацијата на ППЦ (PPC SA) има пристап до сите регионални берзи со што тргувањето е максимално оптимизирано. МЕМО ја отвори вратата на македонскиот електро-пазар како дел од регионалниот пазар со што трговците од Македонија сега можат да остварат ликвидно тргување за оптимизирање на своите портфолија без притоа да водат грижа дали прекуграничните капацитети се поскапени поради разликата на цените помеѓу некои од регионалните берзи (берзански спред).

На регионално ниво, сеуште преку берзите не може да се набави енергија на долг рок по фиксни цени – едноставно никој не се впушта во такви трансакции. Но ЕДС успева да ги хеџира своите долгорочни позиции користејќи софистицирани трговски аранжмани како што се „двострани договори за разлики“ (CFDs) и на тој начин во услови на непредвидливи цени обезбедува долгорочна сигурност со предвидливи маржи.

Сведоци сме на подем во барањата за инвестирање во обновливи извори на енергија. Знаејки колку се неизвесни количините на енергија од овие централи, какви се вашите анализи во однос на развојот на обновливите извори на енергија?

-Обновливите извори на електрична енергија се добредојдени во однос на глобалните напори за спречување на климатските промени и за подигање на свеста на секој поединец дека мора да се заведе контрола во загадувањето како и да се промовира одржлив развој. Но мора да се има предвид дека сите извори кои имаат изразита зависност од метеоролошките услови не претставуваат решение за сигурно снабдување со електрична енергија во иднина. Македонија мора да најде избалансирано решение за замена на основното гориво во ТЕЦ Битола – лигнитот, со користење увозен високо-калоричен јаглен и природен гас, со што ќе се обезбеди гарантирано базно производство на електрична енергија и ќе се обезбеди континуитет во експертизата за управување на термо-централата и по затворање на рудниците за лигнит, експертиза која грижливо се градела со децении.

Ова лето сме сведоци какви ефекти причинува наглиот пораст во инсталации на фотоволтаични централи во регионот на средна, источна и југо-источна Европа. Во текот на дневните часови во денот недела, кога генерално потрошувачката на електрична енергија е најниска, има толкав вишок на понудена енергија што цените во тие часови не само што паѓаат на ниво од 0 (нула) евра за мегаватчас, туку често имаат и негативна цена – тоа значи дека секој кој ќе купи енергија исто така ќе добие и пари наместо да плаќа пари за енергијата. На 2 јули ова лето, во 15-тиот час од денот, таквата негативна цена изнесуваше фантастични 500 евра за мегаватчас. Тој тренд, со поумерени негативни цени, ќе продолжи се’ додека инвеститорите во обновливи извори на енергија не почнат исто така да инвестираат во батериски системи со што цените на берзите во текот на денот ќе почнат да се изедначуваат поради оптималниот распоред на понуда која ќе ја следи побарувачката.

Како се одвиваат работите околу проектот за изградба на ХЦ Чебрен за кој ППЦ уште пред една година достави единствена понуда? Стопанската комора пред три месеци апелираше за забрзување на проектот но  во која насока одат вашите анализи и очекувања?

-Во рамки на проектот за ХЕЦ Чебрен, ППЦ достави понуда конзистентна и усогласена со сите критериуми на последниот меѓународен тендер. Останува Владата да го формализира доделувањето на концесискиот договор и да започнат подготвителните активности за реализација на најголемата странска инвестиција во Македонија. Со оглед дека вредноста на проектот беше проценета на 550 милиони евра пред глобалната инфлација предизвикана од пандемијата и Украинската криза, секако дека денес зборуваме за вредност поголема од 550 милиони евра. Овој проект е значаен не само за инвеститорот туку и за домашната економија бидејќи огромен број на домашни фирми ќе обезбедуваат материјали и услуги во рамки на вредноста на проектот. Државата ќе добие стратешки резервоар на вода и систем за подобро управување со тој ресурс, а исто така ќе се обезбедат дополнителни цца 800 GWh електрична енергија од чисто хидро производство. ЕДС не е директно вклучен во овој тендерски процес, но сепак очекувам во скора иднина Владата да ја додели концесијата на ППЦ.

ЕДС веќе обезбеди лиценца за тргување со природен гас.Што планира компанијата на ова поле?

-ЕДС наскоро ќе започне со активности за тргување и снабдување со природен гас. Во овој момент се скенираат можностите за обезбедување долгорочни и гарантирани испораки на енергенсот како и анализа на апетитот за природен гас кај домашната индустрија во услови на зголемени цени на гасот.

К.В.С.

Слични содржини